Husamedin Gina
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Како земја ги поставуваме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите“, нагласи премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на денешната конференција на тема: „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање на Меѓународната конференција истакна дека главната цел на Стратегијата е да придонесе кон унапредување на еднаквоста и интеграцијата на општеството преку интеркултурен дијалог и интеграција помеѓу мноштвото различни култури и идентитети, вклучително и помеѓу етничките заедници во земјата.
„Како земја ги поставуваме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите. Ја покажавме во пракса и нашата политичка волја да ја зачуваме и негуваме различноста и да живееме заедно почитувајќи ги различните јазици, култури и религии“, рече премиерот Заев.
Премиерот, исто така истакна дека со имплементацијата на Стратегијата целта е да се зацврстат столбовите врз која ја градиме и доградуваме нашата држава како општество еднакво за сите, обезбедувајќи еднаква заштита на правата на сите граѓани.
Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, амбасадорот Ламберто Заниер, во својот говор го истакна своето уверување дека Стратегијата ќе биде успешно применета и дека ќе овозможи стабилност за иднината на сите членови на општеството.
„Во време кога степенот на диверзитетот на нашето општество драматично се зголемува, промоцијата на политики коишто имаат за цел интеграција преку вклучување на сите општествени групи, според моето искуство, е една од најефикасните алатки за унапредување на стабилноста и развојот“, нагласи Заниер.
Тој исто така рече дека ако етничките заедници стануваат поделени и немаат интеракција, тоа му наштетува на општеството.
Се очекува дискусиите од денешната конференција да дадат дополнителен импулс на придонес за подобрување на словото и духот на Стратегијата пред таа да биде усвоена од Владата и Собранието на Северна Македонија.
Во октомври 2018 година, Владата на Северна Македонија започна со изготвување на сеопфатна Национална стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализам.