политика, Балкан

Шефицата на дипломатија на Албанија: Ќе продолжиме да се водиме според вредностите на ЕУ за мирно решавање на споровите

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија се сретна со претседателот на Грција, Константинос Тасулас и со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис

Fatjon Cuka  | 16.12.2025 - Обновена : 17.12.2025
Шефицата на дипломатија на Албанија: Ќе продолжиме да се водиме според вредностите на ЕУ за мирно решавање на споровите Фото: МЕНР на Албанија

ТИРАНА (АА) - Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, изјави дека ќе продолжат да се водат според основните вредности на Европската Унија (ЕУ) и почитувањето на нормите на меѓународното право за мирно решавање на споровите и промоција на стабилноста во регионот, јавува Анадолу.

Спиропали се сретна со претседателот на Грција, Константинос Тасулас и со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис во рамките на официјалната посета на Атина.

Таа изјави дека билатералната соработка меѓу двете земји се темели врз два силни столба што, според неа, се заедничка сегашност во Северноатлантската алијанса и заедничката иднина во Европската Унија.

„Албанија останува посветена на решавањето на граничните прашања, вклучително и разграничувањето на поморските простори, во согласност со меѓународното право и принципите на добрососедски односи, каде што страните целосно се отворени за конструктивен дијалог. Ќе продолжиме да се водиме според основните вредности на ЕУ, со почитување на нормите на меѓународното право за мирно решавање на споровите и промоција на стабилноста во регионот“, изјави таа.

Спиропали истакна дека Владата предводена од премиерот Еди Рама го сметала и го дефинирала партнерството меѓу двете земји како стратегиско уште од првата владина програма.

„Како партнери во НАТО, поврзани со договор за пријателство и со заедничка европска перспектива, Албанија поддржува рано укинување на сите атавистички правни референции од Втората светска војна, со последици врз сегашните односи што не ја одразуваат реалноста на нашите односи како сојузници и пријатели“, рече таа.

Според соопштението на Министерството, Спиропали се фокусирала на историските, правните и имотните аспекти на албанските граѓани и субјекти во Грција што, според неа, се решаваат отворено во рамките на конструктивниот дијалог и билатералната соработка.

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, нагласи дека Грција и Албанија имаат повеќевековни врски.

„Цврсто веруваме дека треба да се фокусираме на она што ги поврзува двата народа, во интерес на одржливоста. Треба да гледаме кон иднината на нашите односи. Грчкото малцинство е нераскинлива врска меѓу нашите два народа. Исто така, придонесот на албанските иселеници (во Грција) е од особено значење“, рече тој.

Герапетритис изјави дека соработуваат со Албанија во рамките на НАТО и регионалните организации.

„Едно од прашањата за кои денес разговаравме беше проширувањето (на ЕУ) што, како што сите знаеме, е геополитичка нужност“, рече грчкиот министер.

Тој додаде дека Грција останува доследна на својот став за конвергенцијата на Западен Балкан кон ЕУ и го поздрави напредокот на Албанија во преговарачкиот процес.

Спиропали утре ќе ја продолжи посетата на Грција, каде што ќе се сретне со други грчки официјални претставници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.