Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
13 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска одржа телефонски разговор со неговите колеги од Унгарија, Литванија и Бугарија, соопшти Министерството за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, дискутираа за неодамнешните прашања поврзани со Источниот Медитеран.
Во друг телефонски разговор со литванскиот министер за надворешни работи, Линас Линкевициус и бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, Чавушоглу разговараше за последните случувања во Источниот Медитеран.
Телефонските разговори беа извршени пред вонредниот Совет за надворешни работи на Европската Унија, кој треба да се одржи утре за да се разговара за неодамнешните тензии меѓу Атина и Анкара во Источниот Медитеран откако Турција објави дека ќе продолжи со своите сеизмички истражувања.
Како дел од активностите на земјата за истражување на јаглеводороди, Турција издаде NAVTEX (навигациски телекс) на 10 август 2020 година, најавувајќи дека „Оруч Реис“ ќе започне со спроведување на нови сеизмички истражувања во Источниот Медитеран.
Одлуката на Турција следуваше по контроверзниот Договор за разграничување, потпишан меѓу Грција и Египет, само еден ден откако Турција рече дека ќе ги одложи своите активности во регионот како знак на добра волја по напорите за дијалог од Германија.
По прогласувањето на договорот за неважечки, Турција го овласти „Оруч Реис“ да продолжи со своите активности во областа која се наоѓа во рамките на континенталниот појас на Турција.
Бродот ќе продолжи со сеизмичките активности во Источниот Медитеран заедно со бродовите „Џингиз Хан“ и „Атаман“ до 23 август.
Турција е земја гарант за Турската Република Северен Кипар и постојано го оспорува едностраното дупчење на кипарската администрација на Јужен Кипар во Источниот Медитеран, тврдејќи дека ТРСК исто така има права на ресурсите во областа.
Во 1974 година, по пучот кој имаше за цел анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара интервенираше како земја гарант. Во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Со децении се појавуваа неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, но завршуваа со неуспех. Последниот, одржан во 2017 година во Швајцарија со учество на земјите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - исто така заврши без напредок.