Средба на Гаши со министрите за надворешни работи и за енергетика на Азербејџан
Гаши, со својата придружна делегација, престојува во официјална посета на Азербејџан од 17 до 19 јуни, на покана на претседателката на Националното собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средби со министрите за надворешни работи и за енергетика, Џејхун Бајрамов и Парвиз Шахбазов, пренесува Анадолу.
Гаши, со својата придружна делегација, престојува во официјална посета на Азербејџан од 17 до 19 јуни, на покана на претседателката на Националното собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова.
Како што соопшти Собранието, на средбата со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, Гаши го поздравил интензивирањето на комуникацијата меѓу владините претставници на двете земји и додал дека се отвораат можности за поголема соработка на сите полиња.
Бајрамов од своја страна истакнал дека како две пријателски држави без отворени прашања, треба да ја унапредат соработката, не само во стопанството и енергетиката, туку и во туризмот.
Двајцата соговорници истакнале дека во услови на геополитички предизвици, унапредувањето на меѓусебните добри односи и соработка би претставувало промоција на мирот и стабилноста за поширокиот регион.
Гаши, на состанокот со министерот за енергетика, Шахбазов, ги поздравил заложбите за зајакнување на партнерството во областа на снабдувањето со гас, искажани во досегашната комуникација меѓу двете земји.
Тој потенцирал дека „за нас многу е важно да обезбедиме долгорочни договори за снабдување со гас, како и потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Северна Македонија“.
Шахбазов, од своја страна, најавил дека веќе се разгледуваат можностите за зголемување на соработката со Северна Македонија во областа на снабдувањето со природен гас и најавил дека на почетокот на есента планира да ја посети Северна Македонија.
Вчера Гаши оствари средба и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.