Admir Fazlagic
13 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата со Христијан Мицкоски му го достави Договорот со решение за спорот којшто Република Грција го имаше со Република Македонија, соопшти Владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев на кусата средба потенцираше дека како одговорни политичари, во дадениов момент имаат обврска да им овозможат на граѓаните на Република Македонија да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на Договорот.
Повеќе од 25 години, колку што е активен овој спор, граѓаните немаа можност да видат ниту решение, ниту да се изјаснат, се вели во соопштението.
„Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ“, истакна премиерот Заев, јасно посочувајќи му на Мицковски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер-шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум“, се наведува во соопштението од Владата.
„Референдумот е консензус меѓу ВМРО ДМПНЕ и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад, и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина. Никој нема право да ги спречува во тоа“, рече Заев.
Исто така, премиерот Заев ја упати пораката дека политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, информираат од Владата.
- Мицкоски: „Договорот е капитулација на Македонија“
По средбата со премиерот Заев, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека овој договор за него и за ВМРО-ДПМНЕ е капитулација на Република Македонија.
„Тој договор сега ни е предаден нам, на ВМРО-ДПМНЕ. Од претседателот на Владата добив информација дека во текот на утрешниот ден Договорот ќе помине на владина седница и ќе биде декласифициран, така што најверојатно веќе од утрешниот ден јавноста ќе ги знае деталите и спецификите содржани во него. Ние допрва ќе го разгледуваме, така што ќе коментираме во деновите што следуваат“, рече Мицкоски.
Тој информираше дека денеска имал средба и со претседателот Иванов на која ги повторил ставовите и позициите на ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваме, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вчера одржа прес-конференција на која информираше дека Република Северна Македонија е постигнатото решение за спорот околу името со Грција.