Nazmi Abduramani
11 Август 2016•Ажурирај: 11 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, за в недела закажа посебна собраниска седница за поплавените региони, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Собранието се наведува дека „претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, во договор со координаторите на пратеничките групи, одлучи да закаже посебна седница на Собранието на Република Македонија посветена на состојбата во поплавените подрачја, за 14 август”.
До тогаш, како што се вели во соопштението, се очекува Владата на Република Македонија да изготви информација со која ќе го извести Собранието за состојбата и за преземените мерки во насока на санирање на последиците.
Инаку, во поплавите што го зафатија Скопје и околината на 6 август, загинаа 22 лица, а десетици беа повредени. Беше причинета голема материјална штета.
Владата претходно прогласи вонредна состојба во регионот на Скопје и Тетово во траење од 15 дена, а донесена е одлука за распределба на финансиски надомест во износ од 300 илјади денари на семејствата на загинатите.