политика

Собрание: Предлог-законот за ратификација ќе се донесе по скратена процедура

На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 беа „против“

Admir Fazlagic  | 19.06.2018 - Обновена : 19.06.2018
Собрание: Предлог-законот за ратификација ќе се донесе по скратена процедура (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на 51. седница ја утврди потребата од донесување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата, како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување стратешко партнерство, јавува Anadolu Agency (AA).

На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 беа „против“.

Пред да се премине на гласање, пред пратениците се обрати министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој го образложи предлогот.

Министерот Димитров истакна дека ратификацијата во Собранието треба да се случи пред Европскиот совет кој на крајот на овој месец ќе одлучува дали Македонија ќе добие датум за преговори.

Свое обраќање имаше и еден од координаторите на пратеничките групи на опозицијата, Драган Данев. Тој порача дека договорот е противуставен и дека со него се навлегува во идентитетот на државата. Исто така, Данев рече дека „капитулантската влада сака да ги втурне и пратениците да учествуваат во овој геноцид на правната држава“.

По неговото обраќање, пратениците на опозициската ВМРО ДПМНЕ ја напуштија собраниската седница.

- ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Собранието за Договорот со Грција

По утврувањето на потребата од донесување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата, како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, Антонио Милошоск, пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тие ќе ја напуштат работата на Собранието.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, поради ваквото однесување, прекршување на приниципи, закони, Деловник, Устав и на самиот интегритет на Собранието, ќе ја напушти работата на Собранието. Не планираме да бидеме соучесници во носење штетни договори за Република Македoнија“, изјави Милошоски, но не информираше дали тие нема да учествуваат само на оваа седница на која се носи ратификацијата на Договорот за спорот околу името или и во другите активности на Собранието. Тој додаде дека одлуката за тоа како ќе постапат понатаму треба да ја донесат партиските органи.

Според најавата на Собранието на Република Македонија, во 15:00 часот ќе се одржи седница на Комисијата за европски прашања, која ќе има два дена за разгледување на Договорот. Доколку помине на Комисијата, Предлог-законот за ратификација на Договорот повторно треба да се најде на пленарна седница за да биде ратификуван.

- Протести пред Собрание поради Договорот со Грција

Во меѓувреме, пред зградата на Собранието се одржуваа протести, на кои граѓаните го изразија своето незадоволство поради постигнатиот Договор за решавање на спорот со името. 

Потсетуваме, Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во недела, во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро. 

На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската организација, Розмари ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın