Abdula Berisha
15 Септември 2022•Ажурирај: 16 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Со настанот „Северна Македонија и ОБСЕ: 30 години партнерство“, се одбележа 30-годишнината од воспоставувањето на мисијата на ОБСЕ во Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
На панел-дискусијата организирана по овој повод, присуствуваа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, како и бројни дипломати.
Во својот говор, министерот Османи рече дека мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија имала значително влијание врз развојот на земјата. Потсетувајќи дека во 1992 година мисијата е основана во Скопје за да се спречи ширењето на војната од поранешна Југославија во Република Северна Македонија, Османи рече дека подоцна мисијата имала важна улога во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.
Тој, исто така, рече дека Северна Македонија од 1993 до 1995 година имала само статус на набљудувач и поради одредени проблеми не можела да стане земја учесничка, а од следната 2023 година земјата ќе го преземе претседавањето со организацијата.
„Сега, замислете ја симболиката, земјата консуматор на безбедносни услуги на ОБСЕ, земја која не можеше да стане земја учесничка две години имајќи статус на опсервер, денеска ја има привилегијата и признавањето да претседава со најголемата безбедносна регионална организација“, рече Османи.
Тој нагласи дека ова претседателство се одвива во период кога европската безбедносна архитектура е целосно разбиена.
Освен војната во Украина, Османи рече дека замрзнатите конфликти ќе бидат приоритет за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Еве, гледате што се случува деновиве помеѓу Азербејџан и Ерменија. Значи, тие замрзнати конфликти секогаш имаат потенцијал да избувнуваат во непланиран и непредвиден момент, и ОБСЕ има важна улога во превенирањето на тие конфликти“, рече Османи.
Тој истакна дека Северна Македонија го знае влијанието и придобивките што ги носи теренската мисија на ОБСЕ, додавајќи дека за време на претседавањето со организацијата, акцент ќе биде ставен на теренските мисии на ОБСЕ насекаде каде што се дистрибуирани. Сепак, тој нагласи дека тоа е тешко, поради сегашната поларизација предизвикана од Русија.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, во својот говор потсети дека улогата на ОБСЕ во Северна Македонија се истакна по вооружениот конфликт во 2001 година и со постигнувањето на Охридскиот рамковен договор, додавајќи дека потоа активностите на организацијата главно се однесуваа на обезбедувањето поддршка при изготвувањето и спроведувањето на законите.
„Во текот на годините, нашиот висококвалификуван кадар, повеќето граѓани на Северна Македонија, го поддржаа изготвувањето на важни закони, вклучително и Законот за Народен правобранител, Законот за спречување и заштита од дискриминација и неколку други закони што се однесуваат на правосудниот систем. Оваа работа ја продолжуваме и денеска, поддржувајќи го изготвувањето на новиот Кривичен законик и Закон за кривична постапка“, рече амбасадорот Која.
Тој изјави дека ОБСЕ придава значење и на имплементацијата на законите, работејќи на обука на инволвираните страни за спроведување на законите.