Furkan Abdula
15 Септември 2022•Ажурирај: 16 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по повод почетокот на скрининг процесот за членство на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), истакна дека по 17 години ЕУ денеска во Брисел го започна скрининг процесот за Северна Македонија за членство во ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Отворени се преговорите со Европската Унија! По 17 години чекање, денеска во Брисел се отвори скрининг процесот за Северна Македонија за членство во Европската Унија“, нагласи Ковачевски, се вели во соопштението на Владата.
Ковачевски истакна дека во овој процес ќе се продлабочат суштинските реформи за имплементација на европските регулативи, за европеизација на општеството и за европско функционирање на државата.
„Денешниот ден е навистина голем и важен за иднината на сите граѓани во нашата земја, тие заслужуваат да живеат во стабилно, демократско и европско општество. Посакувам успешна работа; македонскиот тим е подготвен за предизвикот“, додаде Ковачевски.
Во соопштението се нагласува дека денеска почнува објаснувачкиот скрининг за Поглавје 5, Јавни набавки.
Како што се наведува во соопштението, македонската делегација во Брисел ја преводи вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ.
Во периодот 15 - 27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од кластерот „Фундаментални вредности“, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области.