политика, Балкан

Северна Македонија: Заев и Мицкоски не постигнаа договор за датум за изборите

„Не успеавме да постигнеме договор. Оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку треба да се слушнеме", рече лидерот на СДСМ, Заев, во изјава за медиумите по средбата кај претседателот Пендаровски

Admir Fazlagic  | 12.06.2020 - Обновена : 13.06.2020
Северна Македонија: Заев и Мицкоски не постигнаа договор за датум за изборите

СКОПЈЕ

Лидерите на политичките партии Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, соопштија дека на средбата кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, не постигнаа договор за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Не успеавме да постигнеме договор. Оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку треба да се слушнеме", рече лидерот на СДСМ, Заев, во изјава за медиумите по средбата кај претседателот Пендаровски.

„Деновите кои што се пред нас ќе имате дополнителни информации како ќе се развиваат настаните. Она што е важно дека до овој момент се уште нема договор", изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, соопштија дека вечерва во „Вила Водно“ се одржа средба со лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе", соопштија од Кабинетот на претседателот.

Потсетуваме, поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април, а политичките партии сè уште не постигнаа договор за нов датум за избори.

Владата на Република Северна Македонија на 11 јуни, на седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес.

Денеска претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во своето обраќање до јавноста изјави дека нема потреба да прогласи нова вонредна состојба во земјата која завршува утре. Вонредната состојба со цел борба против ширњето на Ковид-19, беше воведена на 18 март.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.