СКПОЈЕ (АА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Арјанит Хоџа, кој доаѓа од редовите на Движењето БЕСА, соопшти дека дава оставка од функцијата министер, поради, како што рече, нарушување на демократијата на локалните избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хоџа ова го истакна на прес-конференција пред Владата на Северна Македонија, заедно со заменик-министерот за култура, Садат Сулејмани, и заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани, кои исто така се од редовите на Движењето БЕСА.
„Поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел од оваа Влада, на чело со вицепремиерот на ДУИ (Демократската унија за интеграција), на кои беше повредено правото на демократијата на државата со манипулативни методи и за жал, тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден кој беше најсрамниот ден за демократијата на нашата држава, поднесувам оставка од функцијата министер заедно со двајцата заменици-министри бидејќи не можеме да го идентификуваме нашето политичко дејствување како Движење БЕСА со коалиционен партнер за кој јасно се гледа дека го користи секое недемократско дејствување со само единствена цел, да остане на власт“, рече Хоџа.
Според него, одлуката за оставка е морален чин и почитување на партиските органи на Движењето БЕСА.
„Во Движењето БЕСА работиме според принципот на гордост и достоинство. Власта за нас не е сѐ. За нас власта е можност да покажеме дека можеме да работиме во интерес на граѓаните“, нагласи тој.
Движењето БЕСА беше дел од владината коалиција до последните локални избори, кога одлучи да се обедини со наводното ново мнозинство во Собранието на Северна Македонија, потпишувајќи ја иницијативата за гласање недоверба на Владата заедно со пратениците на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица.
За да стапат во сила оставките на министерот Хоџа и двајцата заменици-министри, потребно е тоа да биде констатирано во Собранието на Северна Македонија.
Хоџа ја вршеше министерската функција од 30 август 2020 година, односно во вториот мандат на Владата предводена од премиерот Зоран Заев од СДСМ.
На последните локални избори одржани минатиот месец, Движењето БЕСА победи во општина Тетово и во општина Желино, каде што како главен ривал ја имаше ДУИ, партија која, исто така е дел од владината коалиција.
По завршување на локалните избори и по најавата за оставка од страна на премиерот Заев, која подоцна беше повлечена со образложение во земјата да не настане политичка криза, вчера во Собранието на Северна Македонија требаше да се оствари дебата и гласање во врска со предлогот за недоверба на Владата, но тоа заврши без успех, бидејќи во салата немаше доволен кворум, односно не беа присутни 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.
Иако опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на доставувањето на предлогот обезбеди 61 потпис од пратениците, проблем настана кога еден од пратениците на Движењето БЕСА, Кастриот Реџепи, преку социјалните мрежи соопшти дека нема да гласа за уривање на Владата, а потоа не се појави во Собранието, ниту пак информира каде се наоѓа.
Опозициските пратеници го напуштија Собранието обвинувајќи ја власта дека „преку криминални методи се обидува да останат на власт“. Тие, исто така, побараа одржување на предвремени парламентарни избори.
Меѓу другото, пратениците на парламентарното мнозинство ја обвинија опозицијата за закана кон пратеникот Реџепи, и изразија верување дека во иднина ќе се прошири парламентарното мнозинство.
На крајот на временскиот рок за завршување на седницата, односно на полноќ, претседателот на Собранието констатира дека седницата е затворена и дека опозицијата не успеала да обезбеди кворум за уривање на Владата.
news_share_descriptionsubscription_contact
