политика

Северна Македонија во пресрет на петтите предвремени парламентарни избори

Остануваат уште некоку дена политичките партии да ги претстават своите изборни програми со кои ја бараат довербата од граѓаните

Admir Fazlagic  | 06.07.2020 - Обновена : 07.07.2020
Северна Македонија во пресрет на петтите предвремени парламентарни избори Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Во Република Северна Македонија во тек е изборната кампања за петтите предвремени парламентарни избори од независноста на државата, закажани за 15 јули 2020 година, пишува Агенција Анадолија (АА)

По воведувањето на политичкиот плурализам, во Република Македонија се одржани пет редовни парламентарни избори и четири предвремени парламентарни избори, и тоа во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Првите парламентарни избори се одржани кога земјата беше во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година.

- Предвремени избори за одредување на патот по кој треба да продолжи државата -

До овие предвремени парламентарни избори дојде откако минатата година во месец октомври на Самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ, не се постигна консензус околу отворањето на преговори за членство на Северна Македонија, што беше едно од главните ветувања на Владата предводена од тогашниот премиер Зоран Заев. Откако немаше одлука ЕУ да ги започне пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, Заев истакна дека на земјата ѝ е направена голема неправда и дека ЕУ не го исполнила ветувањето кон Северна Македонија, иако, како што рече, земјата постигнала резултати во реформите и ги решила споровите со соседите.

Заради овие наведени причини, Заев во својство на премиер предложи организирање брзи предвремени избори, за кои рече дека „граѓаните ќе донесат одлука кој е патот по кој треба да продолжи земјата“.

По овој предлог, во текот на месец октомври минатата година лидерите на најголемите политички партии се состануваа на лидерска средба кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, по што соопштија дека постигнале согласност предвремените избори да се одржат на 12 април оваа година. На 3 јануари оваа година, Собранието ја констатираше оставката на тогашниот премиер Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април. По оставката на Заев, истиот ден, на 3 јануари Собранието ја избра новата техничка Влада, задолжена да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април, согласно договорот на политичките партии. Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски, кој до пред изборот за технички премиер ја вршеше функцијата министер за внатрешни работи.

Но поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19), политичките партии се согласија тие да бидат одложени, а потоа на 15 јуни политичките лидери во земјата соопштија дека се договориле изборите да се одржат на 15 јули.

По согласувањето за одредувањето за датумот за изборите, Државната изборна комисија (ДИК) започна со подготовките за одржување на изборите, а политичките партии ја започнаа борбата за освојување на довербата кај граѓаните.

- Изборна кампања -

Поради состојбата со коронавирусот изборите ќе се одвиваат со посебни правила и протоколи, поради што наместо еден ден, ќе се гласа три дена, односно на 13, 14 и 15 јули. Како што информираат властите, на 13 и 14 јули ќе гласаат болни и изнемоштени лица, вклучително и оние со Ковид-19, дома или во болници, сите што се во самоизолација и сите хронично болни граѓани. На 15 јули гласањето ќе биде продолжено за два часа, односно ќе се гласа од 07:00 до 21:00 часот, според почитување на протоколите за заштита од Ковид-19.

Државната изборна комисија (ДИК) на Република Северна Македонија го заклучи избирачкиот список. Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори.

Кампањата за овие избори започна на 24 јуни и ќе трае до 12 јули. Во изборите за 120 места во Собранието на РСМ учествуваат 15 коалиции и политички партии со 1.598 кандидати, кои во најголем дел веќе ги започнаа своите претставувања во јавноста.

Поради состојбата со Ковид-19, изборната кампања во најголем дел се одвива онлајн, а настаните во рамките на кампањата кои ги одржуваат политичките партии се одржуваат на отворено и на нив присуствуват ограничен број луѓе, се почитува физичкото растојание и се носат маски.

Со оглед на тоа дека една од најактуелните теми во светот е справувањето со пандемијата на Ковид-19, ова е и една од темите на политичките партии. Партиите од власта истакнуваат дека и покрај зголемениот број на случаи со Ковид-19, здравствениот систем успева да се справи со ситуацијата и да ја има под контрола, како и дека економските мерки кои ги донела Владата им помогнале на луѓето и компаниите полесно да се справат со кризата. Од друга страна, опозициските партии сметаат дека зголемениот број на заразени случаи со Ковид-19, како и смртните случаи предизвикани од овој вирус, се резултат на губење контрола во справувањето со вирусот, а за економските мерки сметаат дека се недоволни.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој ја предводеше власта од јуни 2017 до изборот на техничката Влада во јануари оваа година, направи предизборна коалиција со албанската политичка партија Беса, но и со партиите на помалубројните етнички заедници, меѓу кои се Турците, Бошњаците, Ромите, Власите, Србите. Тој настапува со слоганот „Можеме“ и кај граѓаните ја бара довербата, како што оттаму велат, со цел да се продолжи патот на зачленувањето во ЕУ и да биде успешно членството во НАТО, ветувајќи економски напредок и развој на општеството со почитување на правата на граѓаните.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), најголемата албанска партија во земјата, инаку коалиционен партнер во власта, настапува со слоганот „Зошто да не?“ (Pse jo), со кој бара Албанец да биде избран за премиер на Северна Македонија, што би било за првпат во оваа држава. ДУИ смета дека на тој начин ќе донесе подобар живот во земјата.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во својата коалиција исто така има партии и личности од помалубројните етнички заедници, настапува со слоганот „Исправи се, Македонијо!“, а со својата програма насловена „Обнова за Македонија“ ветува дека ќе ја врати правдата во земјата, ќе постигне подобри економски резултати и ќе успее да направи силни институции на државата.

Опозициската Алијанса за Албанците формира предизборна коалиција со партијата Алтернатива, која е дел од актуелната власт. Нејзиниот слоган е „Сега е времето“ (Tash eshte koha), при што смета дека е време за промени во политичкото претставување на Албанците и обезбедување подобри услови за живот на граѓаните.

Опозициската Демократска партија на Албанците (ДПА) во изборната кампања настапува со слоганот „Доаѓа лето низ врата“ (Vjen vera ka dera). Оттаму истакнуваат дека имаат детален економски и политички план, односно дека имаат кадар што ќе ги постави Албанците на заслуженото ниво.

- На изборите учествуваат три турски партии -

На овие предвремени парламентарни избори учествуваат три турски партии. Турската демократска партија (ТДП) и Партијата за движење на Турците (ТХП) се дел од коалицијата предводена од СДСМ, а партијата Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ) е во коалиција со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Слоганот на ТДП е „За нашата иднина“ (Geleceğimiz icin), на ТХП „Продолжуваме кон целта“ (Hedefe doğru), а ДНЕТ во кампањата настапува со слоганот „Ние сме со Турција, Турција е со нас“ (Biz Türkiyeyleyiz Turkiye Bizimle).

- Северна Македонија и надворешната политика: Кој е патот понатаму?

По недонесувањето на одлуката за започнување преговори за членство со Северна Македонија на Самитот во октомври минатата година, на 25 март Европската Унија (ЕУ) ја објави својата одлука за почеток на пристапните преговори со земјата. На 27 март, Северна Македонија официјално стана членка на НАТО, со што беше остварена една од стратешките цели на земјата. Соединетите Американски Држави (САД) го поздравија членството на Северна Македонија во НАТО и се поддржувач на земјата на нејзиниот евроатлантски пат.

Во месец октомври американскиот државен секретар Мајк Помпео ја посети Северна Македонија и порача дека „САД ќе продолжат да бидат партнер на Северна Македонија за доброто на нејзините граѓани, за доброто на регионот и за доброто на светот“. „Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови и тролови на социјалните медиуми“, истакна Помпео.

За претставниците на Владата на РСМ, САД се стратешки партнер на земјата.

Русија не го криеше своето незадоволство од евроатлантската ориентација на Северна Македонија. Во март 2018 година, амбасадорот на Русија во Скопје, Олег Шчербак, го коментираше соопштението на руското Министерство за надворешни работи, што во јавноста беше пренесено дека „доколку Македонија стане членка на НАТО, тоа ќе влијае на билатералните односи и стабилноста во регионот“.

Амбасадорот Шчербак тогаш рече дека членството на Македонија во НАТО би можело да има импликации за земјата и додаде дека во случај на агресија од НАТО кон Русија, доколку Македонија стане дел од НАТО, „Македонија може да биде легитимна цел при возвратен напад од Русија“.

Претходно, на 26 март 2018 година, македонското Министерството за надворешни работи соопшти дека „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот Скрипал“. Ова дополнително ги залади односите на двете земји. 

Од осамостојувањето на Република Македонија, Турција ја поддржува оваа земја во сите сфери, особено во нејзиниот евроатлантски пат. Турција е меѓу првите 10 најголеми странски инвеститори во земјата. Турција своето пријателство и поддршка кон Северна Македонија го покажа и во време на актуелната пандемија на Ковид-19, кога турските авиони доставија медицинска помош за државата, со цел справување со ширењето на вирусот. Политичкиот врв на Северна Македонија истакнува дека односите со Турција се пријателски и братски, како и дека постои простор за зголемување на економската соработка.

Остануваат уште некоку дена политичките партии да ги претстават своите изборни програми со кои ја бараат довербата од граѓаните, а на денот на изборите, според политичките актери, граѓаните ќе донесат одлука кој е патот по кој треба да продолжи земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.