Ivana Ramadanova
09 Август 2017•Ажурирај: 09 Август 2017
СКОПЈЕ (AА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието на Република Македонија поднесе иницијатива за интерпелација на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информира на прес-конференцијата во македонското Собрание, пратеникот Антонио Милошоски, во интерпелацијата се наведени повеќе работи, но посочи на три, за нив клучни причини: Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, неименувањето и неупатувањето на Александар Николовски за ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Европската Унија во Брисел и стратегијата за бегалци и мигранти.
Според Милошоски, Договорот за добрососедство со Бугарија е избрзан и штетен за македонските национални интереси.
Во однос на на Александар Николовски, посочи дека ги поминал сите законски, уставни процедурални фази за негово именување и назначување за амбасадор, вклучително и добиени 28 агремани од членките на ЕУ, а од МНР добиле само заклучок дека постапката се прекинува без повикување на ниеден член од Законот за надворешни работи или на Уставот што е прекршен.
Тој укажа и на, како што рече, немањето категоричен, одречен и јасен став од министерот Димитров по однос на притисокот што се врши врз Република Македонија, вели, да изгради прифатни центри и бегалски кампови за мигранти, а што сметаат дека недозволиво.
„Тоа се трите точки наведени во самата интерпелација којашто денес ја доставуваме и она што беше оневозможено од парламентарното мнозинство да се дискутира на една нормална отворена седница“, рече Милошоски.
Инаку, Собранието на Македонија денес претпладне продолжи со шестата седница на којашто се дебатираше за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, која продолжува со прекин и констатации околу легитимноста на дебатата.
Владата предлага Собранието да го разреши јавниот обвинител поради, како се наведува во објаснувањето, извршување на функцијата на нелегален начин, ненавремено, и недоволно професионално.
Во документот стои дека Зврлевски со своето однесување и дела покажал дека не е способен да ја врши функцијата и оти го нарушува неговиот авторитет.
На разрешувањето на Зврлевски се спротивставува парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ.