Admir Fazlagic, Ivana Ramadanova
11 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Откако беше завршено гласањето, веднаш по 19 часот, кратка прес-конференција во седиштата на своите партии одржаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) кои им се заблагодарија на граѓаните за излезноста на изборите, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателот на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) Дамјан Манчевски, изрази благодарност до граѓаните на Република Македонија за, како што рече, големата излезеност.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да им изразиме голема благодарност на граѓаните на РМ за големата излезност. Граѓаните на Македонија покажаа дека ја сакаат Македонија, дека сакаат промени во државата, дека сакаат живот во Македонија", рече Манчевски.
„Исто така мораме да констатираме со голема жал дека старите навики на одредени групации блиски до власта продолжија и понатаму, навики со кои се обидоа да ги спречат граѓаните слободно да го изразат својот глас. Но исто така знаеме дека тие не се доволни за граѓаните на Македонија слободно да ја изразат својата волја", додаде Манчевски кој најави повеќе детали за изборниот ден во наредните часови.
Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Иво Котевски, на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места изјави дека денеска граѓаните покажаа оти Македонија е демократска држава, и им честита за остварувањето на своето гласачко право.
„Граѓаните масовно излегоа на гласање и покажаа дека го посакуваат крајот на оваа двегодишна криза предизвикана од СДСМ. Тие денеска го дадоа својот глас за онаа понуда која според нив нуди просперитетна и подобра иднина. Изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без никакви сериозни инциденти. Граѓаните без никакви притисоци, слободно ја изразија својата волја, демократски гласаа за понудите на политичките партии и ја избраа онаа понуда за која оценија дека нуди попросперитетна иднина за Македонија“, рече Котевски.
Според него, сè уште е рано да се коментира за големата излезност на граѓаните на гласањето, но рече оти верува дека тоа се должи на нивната голема мотивираност.
Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Според последните податоци што ги објави ДИК, одѕивот на гласачите до 17 часот на денешните предвремени парламентарни избори е 60,38 отсто.
На денешните деветти парламентарни избори во Македонија, а четврти предвремени од 2008 година, право на глас според Избирачкиот список имаа 1.784.416 граѓани.
На предвремените парламентарни избори граѓаните можеа да избираат меѓу 11 политички субјекти: Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија на Албанците (ДПА), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Коалицијата предводена од СДСМ, Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок, Партијата за демократски просперитет (ПДП), Коалицијата „Алијанса за Албанците“, Либералната партија, ВМРО-За Македонија, Движење БЕСА и Левица.
Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.