Dzihat Aliju
11 Февруари 2017•Ажурирај: 12 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорката на Република Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, во рамките на нејзините посети, се сретна со лидерите на политичките партии во земјава. Амбасадорката Кара, минатата недела оствари средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Амбасадата на Турција во Скопје се наведува дека амбасадорката Тулин Еркал Кара на двете средби ја истакнала важноста што ја дава Турција за зачувување на територијалниот интегритет и стабилноста на Македонија и нејзините мултиетнички и мултикултурни вредности. Исто така, соопштено е дека Турција по одржаните избори на 11. декември 2016 година, посакува формирање на Влада која што ќе стави крај на политичката криза во земјата.
На средбите е истакнато дека Турција е секогаш спремна да даде секаков вид на поддршка и помош којашто ѝ е потребна на Македонија без да се меша во внатрешните работи на земјата, и дека таа потреба произлегува од вечното пријателство и братство помеѓу двете земји.
Исто така, амбасадорката Кара информираше во врска со терористичката организација ФЕТО којашто стои зад обидот за воен удар во Турција на 15 јули минатата година, и таа изјави дека очекува Македонија да ја поддржи Турција.
Партиските лидери изјавија дека ги осудуваат нападите врз избраниот претседател и избраната Влада на Турција и дека се спремни за секој вид на соработка со Турција.