Srecko Stipovic
11 Февруари 2017•Ажурирај: 12 Февруари 2017
ТРАВНИК (AA) - Фабриката за кибрит „Долац" кај Травник во централна Босна и Херцеговина, е единствена на Балканот која произведува дрвца за палење оган. Од некогашните 200 вработени кои работеле во три смени, денеска во оваа фирма работат десетина вработени.
Сепак, новите сопствениси не дадоа да згасне производството на кибрит кое тука постои 116 години, а воведоа и нови производи, таканаречен камински кибрит кој е подолг од обичниот и е баран на пазарот.
Ефтините запалки го потиснаа кибритот од пазарот. Иако и ден денеска можат да се најде во одредени продавници, кибритот е се помалку баран на пазарот. Ретки се оние кои во своите домови имаат кибрит, иако во одредени ситуации, и покрај технологијата, ова мало помошно средство за палење оган може да биде корисно за сите.
„Фабриката работи за домашен пазар, а нешто се изезува и во Србија. Десетина работници работат повремено во производство на кибрит, а благодарејќи на малопродажните објекти на претпријатието Бест, она што ќе го произведеме тоа и се продава. Работниците кои по приватизацијата имаа услови за пензија, ги остварија своите права од работни односи, а оние за кои немаше место во фабриката за производство на кибрит, добиа можност да работат во рамките на претпријатието Бест, кое е сопственик на оваа фабрика", изјави за Anadolu Agency (AA) директорката на фабриката Љубинка Лешиќ.
Интересно е да се спомне дека во осумдесетите години од минатиот век за фабриката за производство на кибрит е набавена нова опрема од Шведска. По војната во БиХ, Швеѓаните ги купиле фабриките за кибрит во Хрватска, Унгарија, Бугарија. Ги приватизирале, го запреле производството и го продале имотот.
„Тие доаѓаа тука да ја купат и нашата фабрика. Сакаа да имаат монопол на пазарот, меѓутоа тогашната директорка Сенада Халиловиќ не сакаше да ја продаде фабриката за кибрит. Приватизацијата е извршена 2003. година и од тогаш фабриката работи, но со помали капацитети", вели Хасема Гачиќ, поранешен лаборант во фабриката за кибрит.
Покрај обичниот кибрит, тука се произведува и камински кибрит. Новиот производ на фабриката, кој се повеќе е баран на пазарот. Благодарејќи на иновацијата на Сеад Шќетиќ, мајсторот за одржување, рачната изработка е заменета со машинска.
„Каминскиот кибрит го правевме рашно. Тоа беше многу тешка и спора работа. Дојдов на идеја, рачната изработка да ја заменам со машинска, односно со побрз начин на производство, така да се оди далеку поефикасно, полесно и поефтино. Колку што ми е познато, каминскиот кибрит е многу баран на пазарот", вели Сеад.
Работниците со кои разговаравме во фабриката „Долац", имаат само пофални зборови за условите во кои работат.
„Условите за работа се добри. Платата е редовна, а откако ни дојде новата технолошка линија за производство на кибрит, многу е полесно да се работи. Нема никакви проблеми, стресови. Се работи нормално", вели Разија Белегиќ, која три децении работи во производство на кибрит.
Работниците тврдат дека производството на кибрит, сепак, нема лесно да згасне.
„Производството на кибрит изумира, но мислам дека кибритот во помали количества уште долго ќе биде на нашиот пазар. Домаќинствата сеуште се поприврзани за кибритот отколку за запалка. Кибритот се повеќе се бара и како сувенир, така да мислам дека тој нема лесно да згасне на пазарот", вели Харис Кулагиќ од фабриката за кибрит „Долац".