Husamedin Gina
12 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, денеска оствари средба со претседателот на Комисијата за прашања на Европската Унија на германскиот Бундестаг, Антон Хофрајтер, на која се разговараше за процесот на преговорите на нашата земја со ЕУ, како и за поддршката од Германија за евроинтеграцијата на државава, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Собранието, Мисовски на средбата изразил благодарност и очекување за продолжување на интензивниот политички дијалог бидејќи Германија е клучен политички поддржувач и најголем трговски партнер на Северна Македонија, обезбедувајќи дополнителен стимул за поактивен ангажман на политичките чинители во државата кон остварувањето на заедничките стратешки цели на Република Северна Македонија - членството во НАТО и во Европската Унија.
„Двајцата соговорници се осврнаа и на иницијативата на опозицијата за референдум за Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, согласувајќи се во оценката дека во овој момент, кога Северна Македонија ги почнува преговорите со ЕУ, не се добра идеја обидите за поништување на билатерален договор“, се вели во соопштението.
Мисовски, исто така, изрази благодарност за поддршката од германскиот Бундестаг за реформите во Собранието на Република Северна Македонија, посебно за заокружувањето на процесот за обезбедување целосна независност на законодавниот дом, пред сѐ за проектот за независно собраниско обезбедување.
Од друга страна, Хофрајтер оцени дека Северна Македонија веќе требаше да биде членка на ЕУ, посочувајќи дека ЕУ сега ќе треба поинтензивно да дејствува за веќе да нема одолговлекување на процесот со оглед на исполнувањето на сите критериуми од страна на Северна Македонија.
Тој исто така оцени дека Северна Македонија во изминатиот период постигнала голем напредок во поглед на обновливите извори на енергија и изрази благодарност за поддршката што ја дава Северна Македонија за Украина.
Мисовски, меѓу другото, истакна дека откако Република Северна Македонија стана 30. членка на НАТО, рамноправно учествува во сите активности на организацијата со останатите земји членки, на тој начин придонесувајќи кон колективниот мир и безбедност.
Во Однос на Украина, потпретседателот на Собранието нагласи дека Северна Македонија е активно вклучена во обезбедувањето помош за потребите на украинските институции и граѓани и целосно се приклучи на барањата на Европската Унија за воведување санкции кон Руската Федерација.