Furkan Abdula
29 Август 2023•Ажурирај: 29 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја започна својата официјална посета на Чешката Република, пренесува Анадолу.
Според соопштението на претседателскиот кабинет, Пендаровски денес во Прага со највисоки државни и воени почести бил пречекан од претседателот на Чешката Република, Петр Павел.
„Претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателот Павел, на која беа потврдени искрените пријателски односи меѓу двете држави. На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина. Потоа следуваше пленарен состанок на двете делегации,“ се наведува во соопштението.
Пендаровски ќе оствари средби и со претседателот на Сенатот на Парламентот, Милош Вистрчил, со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот, Маркета Пекарова Адамова, и со претседателот на Владата, Петр Фиала.