Abdula Berisha
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа работен состанок со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, Османи истакна дека постои многу позитивен амбиент за спроведување на Законот, и дека постои политичка и институционална волја.
Османи нагласи дека Владата на Северна Македонија ја формирала Меѓуресорската координативна група за Законот за употреба на јазиците, која ја води генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Осврнувајќи се на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Османи рече дека во рок од два месеци е назначен директорот, определен е објектот за работа, и првите вработени што ќе бидат преместени од Секретаријатот на Владата.
„Да не заборавиме дека имаме подготвителен период од шест месеци за создавање на капацитети внатре, за имплементација на Законот, но тоа што е извршено за два месеци е навистина за честитање“, додаде Османи.
Тој потсети дека институциите го подготвуваат Законот за инспекторат за спроведување на Законот, кој ќе биде најсилниот механизам за следење на имплементацијата на законските одредби.
Генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски, истакна дека спроведувањето на правата на етничките заедници кои не се мнозинство во земјата, е прифатено со голема позитивност од страна на сите.
„Владата на Република Северна Македонија ги потпомага институциите како со препораки, така и технички. Најголемата помош секако, треба да уследи кон Агенцијата за имплементација на јазиците поради тоа што е нова институција којашто сега се формира“, нагласи Рашковски.
Тој рече дека многу е важно почетокот на спроведувањето на Законот да покаже дека никој нема да загуби ништо од Законот за употреба на јазиците.
Директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, Илбер Села, ја поздрави подготвеноста на другите институции за помагање за целосно функционирање на Агенцијата што ја предводи.
Села информираше дека по претседателските избори ќе се објават конкурси за комплетирање на тимот, додека, според него, се наоѓаат во финалната фаза за да се подготви Правилникот и систематизацијата.
„Нè очекува голема работа, голема обврска. Постои волја, било политичка, како и човечка. Исто така, информирав и за работата на Меѓуресорската група“, додаде тој.
Владата на Северна Македонија во јануари минатата година го усвои Законот за употреба на јазиците, со кој се предвидува во сите органи на државната власт на Северна Македонија, покрај македонскиот јазик и неговата азбука, службен јазик да биде и јазикот што го говорат 20 отсто од граѓаните на земјата и неговата азбука, во случајот албанскиот јазик.
За спроведување на Законот се одвоени средства од буџетот на Северна Македонија во врска со основањето на Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, како и за формирање на Инспекторатот за употреба на јазиците. Законот, исто така, предвидува и казнени мерки во случај да не се спроведува тој закон.