Husamedin Gina
30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари видео средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Министерството за надворешни работи, на средбата министерот Мас упатувајќи честитки за изборот на Османи посакал многу успех на новата должност, но и плодна билатерална соработка како хомолози на две блиски и пријателски земји кои остваруваат интензивна економска и трговска размена.
„Одржувањето на првата Меѓувладина конференција, често користен технократски термин, има големо симболично значење за нашиот европски пат. Тоа ќе значи потврда на реформската определба и европскиот курс на земјата. Покрај политичката симболика, стартот на преговорите ќе значи почеток на најобемната и нај комплексната административно – техничка операција со која досега сме се соочиле. Тоа е сериозен предизвик за целото општество, а не само за Владата, во кое ќе мора да ги подигнеме своите перформанси и сите заедно како политичари, државни службеници, но и стопанственици, синдикати и претставници на граѓанското општество да ја сплотиме својата енергија и напори кон остварување на оваа цел“, нагласи министерот Бујар Османи
Во соопштението исто така се истакнува дека соговорниците заеднички констатирале дека завршетокот на 2020 година и претседателство на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса Северна Македонија, по членството во НАТО, да започне со исполнување на вториот државен стратешки приоритет, членство во ЕУ.
Министерот Бујар Османи на видео средбата исто така нагласи:
„Почетокот на преговорите ќе значи конвергенција на нашето општество кон правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија; цел која не претставува причина самата за себе, туку процес кој нуди можности за постепена интеграција; процес во кој од нас самите ќе зависи колку придобивки ќе обезбедиме за себе и во текот на самите преговори.“
Министрите, како што се наведува во соопштението, особено внимание посветиле и на Берлинскиот процес, кој беше инициран од канцеларката Меркел во 2013 година.
Османи на средбата исто така потенцирал дека заедничкото копретседавање со Бугарија на 10 ноември ќе претставува одлична можност успешно да се круниса овој процес, со значителни резултати и испораки во форма на Економско инвестицискиот план за целиот регион.