политика

Народен правобранител: Не е решен проблемот со групните депортации на мигранти

Бајрамовска-Мустафа истакна дека констатираните состојби и упатените препораки до надлежните органи се резултат на вкупно 48 превентивни посети во текот на 2017 година, спроведени од страна на тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ)

Bekim Laci  | 26.06.2018 - Обновена : 27.06.2018
Народен правобранител: Не е решен проблемот со групните депортации на мигранти Bekim Laci/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-правобранител на Македонија, денеска го презентираше Годишниот извештај за состојбите во полициските станици, затворите и психијатриските болници, во рамките на таканаречениот Национален превентивен механизам, јавува Anadolu Agency (AA).

Бајрамовска-Мустафа на прес-конференцијата истакна дека констатираните состојби и упатените препораки до надлежните органи се резултат на вкупно 48 превентивни посети во текот на 2017 година, спроведени од страна на тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ), со поддршка на експерти и институции од различни профили во три казненопоправни установи, 13 полициски станици, една психијатриска болница, 30 посети во прифатни транзитни центри.

„За врема на посетите во затворите во Скопје, Струмица и Куманово“, рече Бајрамовска-Мустафа, „констатирано е дека, покрај со лоши услови за сместување на притворените, односно осудените лица, сериозен е недостатокот на професионален и стручен кадар во установите, што влијае на непречено остварување на правата на овие лица, на ефектите на процесот на ресоцијализација, како и на правото на непречена здравствена заштита.“

„Затекнатите лоши услови, несоодветната опременост на просториите за сместување, влагата и недоволното затоплување во просториите, нефункционалниот систем на повикување, се само дел од причините поради кои НПМ препорача преземање итни мерки за санација на објектите во кои е сместен Затворот Скопје, особено во делот за притворените лица“, рече таа.

Таа нагласи дека во разговор со притворените од горенаведените затвори, дознале дека често се случува притворени лица да бидат навредувани на национална основа, а особено припадниците на ромската заедница, потоа има недостаток во безбедноста за жените, а како резултат на тоа, претресот на посетителите жени воопшто и не се спроведува, има недостаток на здравствениот персонал, па поради тоа нема постојано присутно медицинско лице во установата, а некои тоалети воопшто и немаат врати, за што се поставуваат ќебиња.

Во делот за полициските станици, од Канцеларијата на Народниот правобранител на Македонија, велат дека сите девет посетени, кои МВР ги определил како полициски станици за задржување на лица, не ги исполнуваат минималните стандарди.

„Во ниту една од посетените полициски станици нема посебни простории за распит и разговор со лица лишени од слобода, приведени и задржани лица, а само две полициски станици имаат адаптирано посебни простории за разговор со малолетни лица, согласно Законот за права на децата“, рече во нејзината констатација, Бајрамовска-Мустафа.

Во Извештајот на Канцеларијата на Народниот правобранител, посебно место зазема и третманот на бегалците/мигрантите, за што констатацијата е направена од 30 посети на местата каде што се сместени тие.

Иако бројот на бегалците и мигрантите со кои се соочува државата е далеку помал во однос на 2016 година, останува нерешен проблемот со групните депортации кои МВР ги спроведуваше во 2017 година, без никакви формалности и почитување на предвидените законски процедури.

„Следејќи го процесот на реадмисија, констатираме дека МВР, во текот на годината за која поднесуваме извештај, спроведе реадмисија на 40 бегалци, без нивно навремено информирање дека се во постапка на присилно враќање, при што, ја спроведуваше и врз лица за кои се започнати постапки за семејно обединување“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.

Инаку, целиот Извештај се очекува наскоро да се објави на интернет-страницата на Народниот правобранител.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.