Ebru Şengül
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Според соопштението од израелската амбасада во Анкара, израелскиот министер за национална инфраструктура, енергија и водни ресурси, Јувал Штајниц, ќе се состане со турскиот министер за енергија и природни ресурси, Берат Албајрак, на маргините од 23. Светски енергетски конгрес (WEC) во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сооштението пишува дека Штајниц на 13 октомври ќе престојува во посета на Истанбул, за време на Светскиот енергетски конгрес, на кој Anadolu Agency е Глобален комуникациски партнер за 2016 година.
„Ова е прва посета на министерско ниво во изминатите шест години, а претставува резултат на зближувањето договорено од страна на двете земји. Оваа посета е изразување на големиот потенцијал којшто постои во билатералните политички и економски односи“, се додава во соопштението.
Според извештајот, Албајрак и Штајниц ќе дискутираат за енергетската соработка меѓу двете земји. Во рамките на учеството на Штајниц на 23. Светски енергетски конгрес, тој ќе ги пренесе своите забелешки за панелот на Атлантскиот совет под наслов „Нов пејзаж во Источниот Медитеран“.
Во извештајот исто така пишува дека по состанокот со Албајрак, Штајниц ќе оддржи прес-конференција. Дипломатските врски меѓу Турција и Израел беа прекинати во мај 2010 година, кога Израелските командоси убија 10 турски активисти на бродот со хуманитарна помош, „Мави Мармара“, насочен кон Газа.
Турција постави неколку услови: извинување, плаќање надомест и укинување на блокадата на Газа од страна на Израел – да бидат исполнети за да се нормализираат односите. Анкара сега смета дека овие услови се на задоволнително ниво.
Турските и израелските компании дискутираат за можноста за поставување гасовод помеѓу Турција и Израел за транспорт на природен гас во Европа од Левиатанското поле на гас во Средоземното Море, во близина на брегот на Израел, кое има околу 620 милијарди кубни метри гас.