ПРИШТИНА (АА) - Косовската министерка за дијалог, Едита Тахири, денес даде извештај пред Комисијата за јавна администрација, локална самоуправа и медиуми, и се фокусираше на темата за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како и на договорот за Заедницата на општини со српско мнозинство, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа истакна дека договорот за Заедницата е во согласност со унитарниот карактер на државата Косово, и е во целосна согласност со Уставот на Косово и неговите закони. Тахири истакна дека укинувањето на српските паралелни структури во Косово е предуслов за воспоставување на Заедницата.
„Без да згаснат паралелните структури на Србија во Косово, нема да биде воспоставена Заедницата. Органите на Заедницата ќе бидат исти како и на заедницата на општини на Косово и како таква, оваа заедница нема да извршува функции што се различни од оние што ги дефинира правната рамка на Република Косово. Нејзината улога ќе биде само во застапеноста и да се олесни нормалното функционирање на општините со српско мнозинство“, рече таа.
Тахири рече дека Заедницата нема да има никаква улога во управувањето со природните богатства и ресурси на Косово.
Членот на комисијата, пратеникот од опозицијата, Зафир Бериша, оцени дека преговорите со Србија се голема грешка на Косово, нагласувајќи дека тие не се технички, туку политички.
„Не знам зошто мораше да се разговара со Србија во врска со Заедницата (на оштини со српско мнозинство), кога законите тоа го предвиделе, дозволено е тоа. Најлошо од сите овие разговори е тоа што Србија стана учесник во разговорите за внатрешните работи на Косово, и сметам дека Косово не го штити државниот идентитет и институциите, бидејќи со Србија немаше потреба да се зборува за мостот Ибар. Мостот Ибар не е во Белград, туку во Митровица“, рече Бериша.
Тој додаде дека Србија мора да одговара прво за геноцидот што го направи, од кој повеќе од 1.600 граѓани се водат за исчезнати.
Министерката Тахири, одговарајќи на поставените прашања, изјави дека во Брисел не се зборувало за границата. Таа истакна дека станало збор за потврдување на административната линија, а не за дефинирање. Во врска со резултатите од дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел, Тахири информираше за најновите случувања во земјата, по склучувањето на договорите меѓу двете страни.
„Сите овие години, овој дијалог дава резултати и граѓаните ги користат тие резултати, но повторно го критикуваат дијалогот. На пример, пред почетокот на дијалогот во Брисел, косовските граѓани не можеа да патуваат во Србија или преку Србија, а нејзините граѓани влегуваа во Косово како во свој дом, бидејќи на граничните премини Јариње и Брњак немавме државни органи“, рече Тахири.
Таа истакна дека преку овој договор е прекинато патувањето на Србите како низ свој дом. Тахири додаде дека сега косоварите со лична карта влегуваат во Србија и поминуваат низ нејзината територија.
Тахири, исто така, истакна дека во досегашниот дијалог се постигнати 33 договори и дека сите тие се во согласност со законите на Косово, и сите се објавени.
„Повелете, анализирајте кој од нив ги прекршил законите на Косово и викнете ме на разговор. Тогаш можеме да се расправаме дали се во корист или против интересите на Косово“, рече Тахири.
Таа истакна дека со овие договори е постигнат прекин на српските паралелни структури на северниот дел од Косово, како што се полицијата, царината, паравоените сили на мостот Ибар и правниот систем, кои функционирале со толеранција на УНМИК.
„Поставуваме правен систем во северниот дел на земјата, ќе имаме основен суд, кој ќе работи во 7 општини во северниот дел. Го поставуваме овој систем, кој не сме го имале 15-16 години“, рече Тахири.
Таа исто така потсети дека разговорите меѓу Косово и Србија се направени и за време на мировниот договор во Рамбује, и по договорот од Виена. Таа додаде дека во рамките на овој дијалог постои реципроцитет, и истакна дека Србија ако сака интеграција во ЕУ, мора да го признае Косово. „Во Европа нема мир ако на Балканот нема мир“, рече таа.
Во меѓувреме, на прашањето за исчезнатите лица, таа рече дека ова ќе се реши кога ќе бидат подготвени листите на исчезнатите од косовска страна, како и од Србија.
Напоменувајќи дека во рамките на овој дијалог, досега лебдат договорите за телефонскиот код, независноста на КОСТТ (Оператор на системот за пренос и трговија со електрична енергија на Косово) и за Заедницата.
„Ние нема да преземеме никаква акција за имплементација на Заедницата, нема да почнеме со работа на изготвувањето на статусот, без да се спроведе телефонски код за Косово. Без да се земе национален код за Косово и без да стане независна КОСТТ, ние нема да започнеме никаква акција за изготвување на статусот“, рече Тахири.