политика, Балкан

Муцунски: Безбедноста на македонските граѓани е апсолутен приоритет, евакуацијата од Блискиот Исток се реализира успешно

„Ќе продолжиме да постапуваме одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побара помош не биде безбедно вратен дома“

Elena Trenchevska Chekovikj  | 09.03.2026 - Обновена : 10.03.2026
Муцунски: Безбедноста на македонските граѓани е апсолутен приоритет, евакуацијата од Блискиот Исток се реализира успешно

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес одржа прес-конференција во Владата на која информираше за текот на евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток, посочувајќи дека безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет на институциите, пренесува Анадолу.

„Од првиот момент на ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток воспоставивме постојан кризен механизам. Преку кризен штаб и дипломатско-конзуларните претставништва бевме во 24-часовна комуникација со македонските државјани, со јасна цел – нивна безбедна, навремена и организирана евакуација“, изјави Муцунски, се наведува во соопштението на Министерството.

Муцунски посочи дека станува збор за трета сложена операција од ваков обем во последните 12 месеци, по трагедијата со пожарот во Кочани и првата ескалација на конфликтот Израел – Иран.

„Ова уште еднаш ја потврдува подготвеноста и институционалниот капацитет на државата да реагира брзо, координирано и одговорно во кризни ситуации“, истакна Муцунски.

Тој информира дека евакуацијата од Израел е успешно реализирана за сите лица кои изразиле подготвеност да ја напуштат државата по копнен пат. Пет лица биле евакуирани со владиниот авион преку Шарм ел-Шеик, додека за шест лица дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив и Каиро помогнале во организацијата на нивното враќање со комерцијални летови.

Во однос на евакуацијата од Обединетите Арапски Емирати, Муцунски соопшти дека веќе е реализиран лет со 151 патник, меѓу кои биле и странски државјани.

„Во моментов во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела се планирани уште два лета“, истакна министерот.

Дополнително, во Доха се евидентирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација, додека во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, а во Кралството Саудиска Арабија 5 лица. За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што ќе следува директен лет кон Скопје.

„Динамиката е јасна – до средината на оваа недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале извлекување“, нагласи министерот.

Тој повтори дека Северна Македонија недвосмислено ги осудува нападите врз своите партнери и ги повика сите страни на почитување на меѓународното право.​​​​​​​

„Ќе продолжиме да постапуваме одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побара помош не биде безбедно вратен дома“, истакна Муцунски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.