Ali Cura
01 Декември 2023•Ажурирај: 01 Декември 2023
СКОПЈЕ (АА)
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) се наоѓа во „жална состојба“ и нејзината иднина е неизвесна, додавајќи дека „ОБСЕ е на работ на амбисот“, известува Анадолу.
Лавров е обрати на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје. Реагирајќи на санкциите на Западот врз руската економија, Лавров рече: „САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија со цел да ја урнат руската економија, со што ставија крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во некогаш нашиот заеднички регион.“
Изјавувајќи дека Европската Унија (ЕУ) го сноси товарот од последиците од американската авантура во Украина и ги напушти формите на економско партнерство што со децении го обезбедуваа нејзиниот просперитет, Лавров рече дека ЕУ свесно ја одигра улогата што ѝ беше доделена.
Лавров рече дека ЕУ се откажала од своите цели за зголемување на благосостојбата на нејзините земји членки и во голема мера, благодарение на заложбите на бриселската бирократија, „дава впечаток дека се претворила во агресивен геополитички проект“.
- „ОБСЕ е во жална ситуација“
Лавров истакна дека ОБСЕ е формирана како платформа за најширока европска соработка и централен елемент на неделивата безбедност на Европа и евроатлантскиот регион.
Критикувајќи го ОБСЕ, Лавров рече: „По повеќе од една година Финалниот акт од Хелсинки ќе ја прослави својата 50-годишнина. Во тој контекст, со жалење констатирам дека ОБСЕ, на 50-годишнината од усвојувањето на Финалниот акт од Хелсинки, влегува во жална состојба и неговата иднина останува неизвесна.“
Тврдејќи дека Русија вложува максимални напори во Европа за да создаде заедничка безбедносна област заснована врз соработка, Лавров рече: „За жал, западната политичка елита, која го присвои правото да ја одредува судбината на човештвото, направи непромислен избор што не е во корист на ОБСЕ, туку е во корист на НАТО.“
Посочувајќи дека НАТО се шири кон исток, Лавров рече дека земјите членки на НАТО со сопствени раце ја уништиле воената и политичката димензија на ОБСЕ.
Изјавувајќи дека западните престолнини ја уништиле шансата за повторно заживување на ОБСЕ, Лавров истакна дека овие групи формирале Европска политичка заедница во која не се вклучени Русија и Белорусија.
„Традиционален обичај е нашите состаноци да ги завршуваме оптимистички и позитивно, меѓутоа, овој пат нема посебна причина за оптимизам. ОБСЕ се претвори во приврзок на НАТО и ЕУ. Да се разбереме, ОБСЕ е на работ на амбисот“, рече Лавров.
- „Молдавија е следна жртва на Западот во војната против Русија“
„Запад донесе антируски сили на власт во Грузија, Молдавија и Украина, а потоа ги подбуцна против Русија“, тврди Лавров и додаде дека Молдавија ќе биде следна „жртва“ во хибридната војна на Западот против Русија и станува уште едно упориште на антируската конфронтација.
По прашањето на Приднестровие, осврнувајќи се на форматот „5+2“, кој беше создаден во рамките на ОБСЕ и во кој беа вклучени претставници од Молдавија, (т.н.) администрација на Приднестровие, Русија, Украина, ОБСЕ, ЕУ и САД, Лавров рече дека споменатиот формат е укинат.
- Лавров првпат во Европа од почетокот на војната
Рускиот министер за надворешни работи Лавров по почетокот на руско-украинската војна првпат посети земја во Европа и првпат учествува на состанок на ОБСЕ.
Учеството на Лавров на состанокот одржан во Лоѓ, Полска, од 1 до 2 декември 2022 година, за време на неговото претседавање со ОБСЕ, беше одбиено. Со состанокот претседаваше Александар Лукашевич, постојаниот претставник на Русија во ОБСЕ.
Од почетокот на војната европските земји го затворија својот воздушен простор за Русија во рамките на санкциите против оваа земја. Беше соопштено дека нема никакви пречки за учество на Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Северна Македонија.
Авионот што ги превезуваше рускиот министер за надворешни работи Лавров и неговата делегација пристигна во Северна Македонија преку Грција бидејќи Бугарија не дала дозвола за прелетување. Бугарија не дозволила прелет со образложение дека во руската делегација се наоѓала и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.