Furkan Abdula
03 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека Самитот во рамките на Берлинскиот процес е историски, затоа што, според него, доаѓа во време на продолжена криза и од него се очекува да произлезат конкретни чекори кои ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери, со што уште повеќе се зголемува неговата важност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Ковачевски ова го истакна на сесијата за регионална соработка и заеднички регионални пазари во рамките на Самитот на Берлинскиот процес во германскиот главен град Берлин.
Во соопштението се вели дека дел од владината делегација која ја предводи Ковачевски во Берлин се и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На дискусијата сите присутни изразиле силна поддршка за членство на државите од Западен Балкан во ЕУ, со јасен став дека ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ.
Се нагласува дека воедно присутните во своите излагања посочиле дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.
Ковачевски на првата сесија посочи дека денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години, истакнувајќи дека сево ова е постигнато поради силната поддршка од Владата на Сојузна Република Германија, како домаќин на Самитот на Берлинскиот процес, Европската комисија и интензивната комуникација на експертите и администрациите од земјите од Западен Балкан.
„Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност на регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори“, истакна Ковачевски.
Тој рече дека на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, им претстои сериозна работа, затоа што, според него, дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.
Ковачевски, исто така, посочи дека Северна Македонија веќе ги отпочна преговорите со Европската Унија со заштитени идентитетски позиции и дека во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата.
Според него, Европската Унија не е целосна без земјите на Западен Балкан и во таа насока треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат кон приближување на регионот до ЕУ.
Самитот во рамките на Берлинскиот процес кој годинава се одржува во Берлин првпат по осум години, има за цел да ги интензивира соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.
Лидерите од Западен Балкан, заедно со претставниците на Владите од земјите од ЕУ, Обединетото Кралство и претставници на Европската комисија, во текот на денот, покрај дискусијата за регионалната соработка и заедничките регионални пазари, ќе дискутираат и за енергетската стабилност и трансформација на Западниот Балкан, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.