Abdula Berisha
04 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари билатерална средба со министерот за национална економија на Република Казахстан, Алибек Куантуров, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Собранието се истакнува дека претседателот Џафери изразил убеденост дека посетата е уште една можност за размена на мислења и искуства за повеќе прашања од заеднички интерес.
Џафери изразил задоволство што билатералните односи меѓу Северна Македонија и Казахстан се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и заемен интерес за нивно понатамошно проширување и продлабочување, посебно во економски аспект.
„Претседателот Џафери го поздрави потпишувањето на Протоколот за првата сесија на заедничката Комисија за трговија и економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан и рече дека со овој чекор уште повеќе се зајакнуваат нашите односи и економии, а во иднина ќе се создадат подобри услови за работа на компаниите, бизнисот и за подобар живот за граѓаните', стои во соопштението.
Министерот за национална економија на Република Казахстан, Алибек Куантуров, изрази задоволство од приемот во Собранието на Република Северна Македонија и потенцираше дека е почестен од успешната реализација на билатералната средба.
Тој нагласи дека Казахстан е голем трговски партнер на ЕУ и од тој аспект и поддржувач на европазарот, кој е на прво место во Република Казахстан за економски увоз и извоз. Во овој контекст, Куантуров изрази силна поддршка на евроатланскиот пат на земјата.
Тој, исто така, ја потенцираше и досегашната одлична соработка на двете земји и изрази спремност за понатамошно продлабочување на соработката на сите полиња, особено на економското. Истакна дека економската соработка уште денес го потврдила потенцијалот за успешност со самото отпочнување на првата сесија на Комисијата за трговија и економска соработка помеѓу двете земји.