СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој престојува во официјална посета на Скопје, одржаа заедничка прес-конференција, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Владата, на прес-конференцијата е истакната континуираната поддршка од Ирска на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, со којашто годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција и ние тоа високо го цениме. Слободно можам да кажам дека еден од најголемите поддржувачи на европските интеграции на Северна Македонија е премиерот на Ирска, Лео, и Ирска. На сите состаноци кои што сме ги имале во Брисел, еден од најголемите пријатели на нашата држава бил токму премиерот кој денес е гостин на нашата држава. Токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја поднесовме нашата апликација за членство во Унијата. Оттогаш, добиваме континуирана и гласна поддршка од Ирска, која на проширувањето на ЕУ гледа како на стратешко и безбедносно прашање“, нагласи премиерот Ковачевски на прес-конференцијата, додавајќи дека Ирска е земја од која можеме многу да научиме.
Потенцирајќи дека Ирска е една од првите три држави кои пристапиле кон европскиот проект во далечната 1973, премиерот Ковачевски истакна дека членството во ЕУ беше позитивна движечка сила за општествени и политички промени во Ирска.
Ирска, како што рече премиерот Ковачевски, е вистински пример за земја која доживеала економска и социјална трансформација, која има корист од членството во Европската Унија и тоа го демонстрира во изминатите 50 години членство.
Премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата нагласи дека на средбата со неговиот ирски колега Варадкар се договориле за унапредување на економската соработка, а разговарале и за заклучоците на Европскиот Совет од декември кога ЕУ ја повика Северна Македонија да го забрза завршувањето на уставните измени со цел да се придвижи напред во процесот на пристапување во ЕУ.
Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, на прес-конференцијата, истакна дека е чест да се биде првиот ирски премиер кој што доаѓа да ја посети Северна Македонија во официјална посета.
„Мојата посета со мојата делегација денес во Северна Македонија и претходно на Косово и Црна Гора го покажува интересот на Ирска и посветеностa на овој регион како и нашата решителност да ѝ помогнеме на Северна Македонија и нивните соседи на нивниот пат кон ЕУ интеграција. Приклучувањето кон ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка работа, и секако за нас кои се приклучивме кон ЕУ, кај нас имаше навистина голем консензус за да се направи тоа. Сметам дека е важно и за регионалната безбедност на Балканот но и за пошироката безбедност на Европа особено по руската инвазија на Украина која што даде една нова итност во ситуациите“, нагласи Варадкар на прес-конференцијата.
Ирскиот премиер потенцира дека ЕУ ја трансформирала Ирска во изминатите 50 години и донела многу економски и други придобивки за земјата.
Тој изрази подготвеност да го сподели искуството и знаењето во текот на пристапните преговори, додавајќи дека веќе 10 години ниту една земја не се приклучила кон ЕУ и дека тоа треба да се промени.
Варадкар додаде дека билатералните односи меѓу Ирска и Северна Македонија се мошне топли, иако посочи дека има потреба од унапредување.
Политичката стабилност во Северна Македонија, како што оцени ирскиот премиер, е важна за Европа.
news_share_descriptionsubscription_contact
