Furkan Abdula
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, објави видеочеститка по повод 8 Септември - Денот на независноста на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани, Нека ни е честита 30-годишнината од независноста на нашата заедничка држава“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека на денешен ден, пред 30 години, се оствари сонот на сите генерации кои се бореа и гинеа за својата слобода.
„Македонската државност е, без сомнение, нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност - да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секого од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме“, нагласи тој.
Пендаровски истакна дека најголемата вредност на граѓаните на државата, со векови наназад е традицијата на почитување на различностите, и дека Северна Македонија може да напредува, само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина.
„Нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации. Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Интеграциските процеси беа, и сѐ уште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности“, рече тој.
„Драги сограѓани, да се почитуваме и разбираме меѓу себе. Да сфатиме дека различниот од нас не е наш непријател. Да ја разбереме политиката како борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не како борба на живот и смрт. Ние немаме резервна држава. Северна Македонија е нашиот единствен, заеднички дом и ќе биде пристојно место за живеење само ако секој од нас го вложи во него својот труд, својата одговорност и својата совест. Нека ни е честита 30-годишнината од независноста! Да ни е вечна и вековита државата“, додаде Пендаровски во својата видеочеститка по повод Денот на независноста.