Adel Ömeragic
21 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора денес го одбележува Денот на независноста. На референдумот одржан на 21 мај 2006 година, 55,5 отсто од граѓаните кои излегоа на референдумот се определија за независна Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Независноста на Црна Гора прогласена е на 3 јуни 2006 година, додека на 28 јуни, Црна Гора стана 192 членка на Обединетите нации (ОН), а на 11 мај 2007 година и членка на Советот на Европа.
Според официјалните резултати, независноста на Црна Гора беше поддржана од 230.661 граѓани или 55,5 отсто од 86,3 отсто граѓани со право на глас кои излегоа на референдумот, додека за опстанок на заедничка држава со Србија беа 185.002 бирачи или 44,5 отсто.
На одржувањето на референдумот му претходеа преговорите меѓу претставниците на блоковите за независност и за заедничка држава, преку словачкиот дипломат и посредник на Европската Унија, Мирослав Лајчак. Во повеќемесечните преговори, најголемо недоразбирање имаше околу потребното мнозинство за успех на референдумот, но, со посредство на ЕУ, на крајот се постигна договор дека за успех на референдумот потребна е поддршка на 55 отсто од излезените гласачи.
Собранието на Црна Гора претходно го усвои Законот за референдум што беше договорен со препораките на Европската Унија.
Црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, во петокот на приемот по повод Денот на независноста, истакна дека независноста претставува света должност на секој Црногорец. Додаде дека било потребно речиси еден век за да осамне 21 мај, и меѓународната заедница да го признае правото на Црна Гора суверено да располага сама со себе, во својство на независна држава.
По повод Денот на независноста, 21, 22 и 23 мај се неработни денови во Црна Гора.