Abdula Berisha
05 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија започна пописот на населението, домаќинствата и становите, што ќе трае до 30 септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април, но беше одложен поради влошената ситуација со новиот вид коронавирус (Ковид-19).
На 2 април, Собранието на Северна Македонија ги усвои законските измени за одложување на пописот од април во септември.
За измените на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите гласаа 95 пратеници, додека 12 пратеници беа против.
Ова беше договорено на состанокот одржан кон крајот на март меѓу премиерот на земјата и претседател на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Покрај државјаните што се присутни во земјата за време на пописот, кај кои попишувачите ќе користат компјутер и посебна апликација, продолжува онлајн самопопишувањето и за државјаните кои не се резидентни. Се работи за лица што имаат дозвола за престој во Северна Македонија и се нејзини државјани, додека за време на пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или некоја друга причина.
Северна Македонија последен пат одржа попис во 2002 година. Во 2011 година започна пописот, но беше прекинат откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективни и неотповикливи оставки.
Според пописот во 2002 година, земјата брои 2.022.547 жители, додека етничката структура на населението беше следна: Македонци - 1.297.981 (64,18 отсто), Албанци - 509.083 (25,17 отсто), Турци - 77.959 (3,85 отсто), Роми - 53.879 (2,66 отсто), Срби - 35.939 (1,78 отсто), Бошњаци - 17.018 (0,84 отсто), Власи - 9.695 (0,48 отсто) и други - 20.993 (1,04 отсто).