Furkan Abdula
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
СКОПЈЕ
Бројот на граѓани вакцинирани против новиот вид коронавирус (Ковид-19) достигна речиси 750.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 747.225 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.621 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 14.159 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.332.658 дози вакцини, а ревакцинирани се 579.358 граѓани“, се вели во соопштението.
„Со последните бројки 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
„Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата“, се додава во соопштението.