политика

Започнаа општите избори во Израел

Се очекува изборите, на кои учествуваат 41 партија, да поминат во тесна борба. Право на глас во Израел имаат 5 милиони и 800 илјади лица.

Mustafa Deveci  | 09.04.2019 - Обновена : 09.04.2019
Започнаа општите избори во Израел

ЕУРУСАЛИМ (АА) - Започнаа општите избори во Израел за новиот состав на израелскиот Парламент, кој се состои од 120 пратеници, јавува Anadolu Agency (AA).

Гласачките места во Израел на предвремените општи избори се отворени во 7:00 часот по локално време, а правото на глас ќе може да се искористи до 22:00 часот.

Се очекува изборите, на кои учествуваат 41 партија, да поминат во тесна борба. Право на глас во Израел имаат 5 милиони и 800 илјади лица.

- Голем е интересот за излезноста на гласањето

Се смета дека судбината на овие избори ќе ја „скројат“ неопределените гласачи. Голем е интересот за тоа колку проценти од нив ќе излезат на гласање.

На претходните избори одржани во 2015 година излезноста на гласачите изнесуваше 71,8 отсто.

Според најавеното, се очекува актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, своето право на глас да го искористи заедно со сопругата Сара во Западен Ерусалим (Кудс).

- Анкетите го посочуваат Нетанјаху

Според анализите за јавното мислење што се појавија во израелските медиуми, со мала предност, победник на овие избори би требало да биде Бенјамин Нетанјаху и неговата десничарска партија Ликуд. Се очекува Ликуд да ја следи Сино-Белата алијанса предводена од поранешниот началник на Генералштабот на израелската војска, Бени Ганц и поранешниот новинар Јаир Лапид.

Изборната граница во Израел изнесува 3,25 отсто, а се очекува од 41 партија, колку што учествуваат на овие избори, во Парламентот да влезат од 10 до 14 партии.

Според анкетите, ниту една партија нема да може самостојно да формира влада, за што се потребни 61 пратеник, поради што се очекува формирање на една нова коалициска влада.

Постои веројатност десноориентираните партии во Израел, предводени од партијата Ликуд на Нетанјаху, во Парламентот да освојат 65 пратенички места. Поради тоа, во Израел се коментира дека и доколку партијата Ликуд на изборите излезе како втора партија, има поголеми шанси да формира коалиција отколку нејзиниот противник Ганц. Се истакнува дека некои од десноориентираните партии не би сакале да бидат дел од коалициската влада под водство на Ганц и Лапид.

Партиите кои ги претставуваат околу 2 милиона Палестинци кои се израелски државјани, на изборите учествуваат како две одделни алијанси. Според анкетата што ја спроведе весникот „Хаарец“ (Haaretz), се очекува алијансата Демократски фронт за еднаквост и мир (Хадаш) да освои 7, додека алијансата Арапско движење за промени (Таал) да освои 4 пратеници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.