Besar Ademi
07 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за уставни прашања во Собранието на Македонија ја започна сесијата за четирите нацрт-амандмани на Уставот, поднесени од страна на Владата врз основа на Договорот од Преспа. Дебатата во оваа Комисија може да трае 12 дена пред да премине на пленарна седница, јавува Anadolu Agency (AA).
Во салата во која се одржува дебатата за уставни промени беше присутен и премиерот на земјата, Зоран Заев, кој се очекува да ги објасни уставните промени.
Меѓутоа, само што започна сесијата беше направена пауза од еден час по барање на парламентарната група на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која побара да се овозможат услови за пренесување во живо на дебатата на Комисијата, додека претседателот на Комисијата истакна дека е доволно присуството на медиумите за да ја информираат јавноста за дебатата.
Претседателот на Комисијата за уставни прашања, Талат Џафери, пленарната седница за гласање на нацрт-амандманите ја закажа за 1 декември.
Потсетуваме, во петокот Владата на Македонија ги одобри нацрт-амандманите и ги поднесе до Собранието за понатамошни процеси.
Како што најави македонскиот премиер, првиот амандман се однесува на актуелното име на Република Македонија, на кое ќе му се додаде придавката „Северна“, додека вториот амандман се однесува на измените во преамбулата на Уставот, односно одлуките на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување) се дополнуваат со прогласувањето на АСНОМ и се додава Охридскиот договор како конститутивен елемент на државата.
„Третиот и четвртиот амандман“, рече Заев, „се однесуваат на гаранциите за територијалните граници на Македонија, како и на грижата за македонските граѓани во дијаспората и пошироко.“
Нацрт-амандманите се однесуваат на измени во Уставот на Република Македонија кои се дел од Договорот од Преспа, потпишан во јуни од страна на владите на Македонија и на Грција, чие спроведување е услов за членството на земјата во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ. На 19 октомври, Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство во Собранието, односно со 80 гласа, го усвои предлогот за пристап кон уставните измени.
Потоа следуваа нацрт-амандманите кои беа поднесени до Комисијата на разгледување, а кои треба да бидат усвоени со просто мнозинство гласови. По овој чекор, потребно е усвојување на уставните измени со двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија, за да се отвори патот грчкиот Парламент да го ратификува Договорот од Преспа.