Admir Fazlagic
08 Ноември 2018•Ажурирај: 09 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - На вториот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, оствари средба со својот германски колега Хеико Мас, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на средбата министрите размениле мислења за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, како и за динамичната билатерална соработка меѓу двете земји, на политички и на економски план.
„И во оваа пригода, министерот Димитров повторно изрази благодарност за континуираната билатерална поддршка од Германија за имплементација на реформските процеси во Република Македонија, како и за значењето на Берлинскиот процес во овој контекст“, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Македонија.
Зборувајќи за домашната политичка ситуација, министерот Димитров нагласил дека „и покрај предизвиците, можностите за позитивен исчекор и напредок се отворени за Република Македонија.“
Германскиот министер за надворешни работи, Мас, како што стои во соопштението, изразил задоволство од севкупниот прогрес во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, укажувајќи на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата.