Husameddin Gina
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Пред Собранието на Република Македонија вечерва се одржа протест против уставните измени на кој организаторите побараа оставка на Владата, распуштање на Собранието и распишување вонредни парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот беше организиран од страна на Светскиот македонски конгрес, движењето „Бојкотирам“, политичките партии Глас за Македонија и Трета политика и движењето „Ленка“.
На протестот присуствуваа неколку илјади граѓани од различни градови на земјата.
Демонстрантите побараа итно и безусловно запирање на процесот на уставни измени, еднострано правно поништување на договорот од Преспа, стриктно почитување на домашното и меѓународното јавно право, како и трајна заштита на името на државата.
Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес на денешниот протест истакна дека поденеле кривична пријава против премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и 80 пратеници кои гласале „за“ уставните измени, за кривични дела против нацијата.
На протестот беше упатен повик до граѓаните од утре, понеделник, да започнат со блокирање на главните раскрсници и сообраќајници низ сите градови низ земјата со возила и механизација.
Блокадите ќе траат, како што сооштија организаторите на протестот, сè до исполнување на барањата од протестот.
Инаку, измените во Уставот на Република Македонија се дел од Договорот од Преспа, потпишан во јуни од страна на владите на Македонија и на Грција, чие спроведување е услов за членството на земјата во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
На 19 октомври, Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство во Собранието, односно со 80 гласови, го одобри предлогот за пристап кон уставни измени, по што следуваа нацрт-амандманите кои беа поднесени до Комисијата на разгледување, и потоа треба да бидат усвоени со просто мнозинство гласови. По овој чекор, потребно е усвојување на уставните измени со двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија, за да се отвори патот за ратификување на Договорот од Преспа од страна на грчкиот Парламент.