Zülfiya Yakup
22 јануари 2016•Ажурирај: 23 јануари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Здружената опозиција на Косово ѝ даде рок на Владата на Косово до 17-ти февруари да се повлече од власта. Во спротивно, како што беше најавено од страна на лидерите на трите опозициски партии, ќе се организира протест во Приштина на 17-ти февруари, на 8-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на опозицијата ги повикаa граѓаните на 17-ти февруари во 14 часот да се приклучат на протестите за оставка на Владата, која според нив го прекршила Уставот. Лидерот на Иницијатива за Косово, Фатмир Лимај, рече дека за новиот протест е избран симболичен ден со цел да се пренесе порака дека граѓаните на Косово, осум години по независноста, не се задоволни и дека не им се исполнети очекувањата кои пред осум години им се дадени.
Тој ѝ порача на Владата да поднесе оставка и на 17 февруари дека нема да има потреба за собир во главниот град, и дека Косово постепено ќе излезе од оваа "длабока криза".
"Денес, осум години подоцна, сфативме дека оваа земја не излезе онака како што сакаат граѓаните, туку стана држава каква што посакуваат владетелите: слаба држава, држава со ограничен суверенитет, со непостоечки територијален интегритет", рече Висар Имери, претседателот на Движењето "Самоопределување".
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, ги покани сите граѓани да се приклучат на протестите на 17-ти февруари.
"На тој ден, ако ние се согласиме или ако сите процениме дека Косово има причина за протести, тогаш можеме да пренесеме порака. Овие одлуки се донесени од луѓе кои се на власт, а некогаш се колнеа во суверена држава."Нема повеќе!", рече Харадинај.