политика

Анѓушев во Виена: „До крајот на јануари ќе поминат сите амандмани за Договорот со Грција“

Република Македонија на состанокот ја претставува вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев

Ekipa  | 19.11.2018 - Обновена : 20.11.2018
Анѓушев во Виена: „До крајот на јануари ќе поминат сите амандмани за Договорот со Грција“ Aşkın Kıyağan/АА

Skopje

ВИЕНА (АА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц денес организираше работен појадок за премиерите на земјите од Западен Балкан, на кој ќе се разговора за регионалната соработка меѓу земјите од овој регион, јавува Anadolu Agency (AA).

Република Македонија на состанокот ја претставува вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Вицепремиерот на почетокот истакна дека овој состанок ја покажува длабоката посветеност на Австрија за поддршката во процесот на евроинтеграциите, и ја нагласи посветеноста на Република Македонија кон интензивирање на односите со соседните земји.

„Ние како Македонија во изминатиот период сме посветени на зголемување на нашите односи со соседните земји. Потпишавме Договор за пријателство со Бугарија и го надминавме долгогодишното прашање за името со Грција. Ние сме во последната фаза на решавање на ова прашање. Мислам дека ќе може да минат во Собранието сите амандмани во Уставот до крајот на месец јануари. Се надевам дека Собранието ќе смогне сили да ја надмине ситуацијата, а потоа со тоа ќе го отвориме нашиот пат кон европските и НАТО-интеграциите“, истакна Анѓушев.

Вицепремиерот нагласи дека да се биде мала земја во регионот значи да се посвети грижа на економијата и да се посвети грижа за подобар живот на граѓаните и додаде:

„Ќе обезбедиме подобар живот за нашите граѓани само ако ја зголемиме економијата, а зголемувањето на економијата за малите земји значи да се обезбеди владеењето на правото и стабилност на земјата. Стабилноста за мала земја како Македонија значи да биде интегрирана во подобри безбедносни и европски системи. Само поради овие причини нашата земја ќе биде посветена на овој процес.“

Тој се заложи дека ќе се направи сè што е можно да се комплетира дадената домашна задача, и да се обезбеди подобар живот за граѓаните.

Во однос на регионалната соработка помеѓу земјите од Балканот, вицепремиерот Анѓушев истакна дека смета оти треба да се покаже малку поголем капацитет на тоа поле.

„Треба да покажеме малку поголем капацитет во однос на регионалната соработка помеѓу нашите земји доколку сакаме, подоцна, подобро да соработуваме во Европската Унија“, заклучи Анѓушев.

За време на престојот во Виена, Анѓушев ќе се обрати на 15-тиот Виенски економски форум на кој ќе се отворат теми важни за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, преку дигитализација до зголемување на регионалната соработка.

Анѓушев ќе говори на панел-дискусијата на која ќе се обратат премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, додека министерот за економија Крешник Бектеши на панел-дискусијата на која ќе се обратат министрите од владите на Романија, Словенија, Албанија и Бугарија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın