политика, Балкан

Заев: „Низ Преспа форумот за дијалог создаваме нови демократски вредности“

„Од денешна перспектива, со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција, употребивме методологија која дотогаш не беше позната“

Abdula Berisha  | 01.07.2021 - Обновена : 02.07.2021
Заев: „Низ Преспа форумот за дијалог создаваме нови демократски вредности“ Фото: Furkan Abdula/AA

ОХРИД (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, присуствуваше на официјалното отворање на конференцијата „Патот кон Преспа“, што се одржа во рамките на „Преспа форумот за дијалог“ (ПФД), јавува Агенција Анадолија (АА).

Потсетувајќи дека поминати се 3 години од потпишувањето на Преспанскиот договорот меѓу Северна Македонија и Грција, договор со кој се стави крај на тридеценискиот спор за името, Заев рече дека овој договор претставува историска пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и Грција, како и деблокатор на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.

Премиерот Заев истакна дека денес Северна Македонија е дел од НАТО, со консолидирана демократија што се развива секој ден.

„Денес сум горд што низ Преспа форумот за дијалог создаваме и извезуваме нови демократски вредности. Од денешна перспектива, јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција, употребивме методологија која дотогаш не беше позната“, рече Заев.

Тој додаде дека спорот меѓу двете земји бил преседан и дека немало сличен пример во политичката историја и меѓународните односи, поради што биле потребни иновативни решенија.

Заев, исто така, рече дека Преспанскиот договор дал поинаква насока на целиот балкански регион, кој Заев го опиша како регион со особено интензивна динамика.

„Договорот означи крај на една ера и почеток на ново поглавје, како за двете држави, така и за регионот пошироко. Кога соработката е конструктивна и во добра волја, мирот се пројавува со некој природен слет. Светот прифати дека и од Балканот може да дојде успешна приказна“, порача Заев и додаде: „Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа.“

Свое обраќање имаше и поранешниот премиер на Грција во времето на потпишување на договорот, Алексис Ципрас, кој рече дека решавањето на спорот со името испраќа силна порака до земјите од Балканот.

Видео-обраќање имаше и Метју Нимиц, поранешниот специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за спорот со името. На отворањето на конференцијата свое обраќање имаше и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, како и други владини и политички претставници.

Да потсетиме, денес и утре во Охрид и Отешево за првпат се одржува Преспа форумот за дијалог (ПФД), со конференцијата насловена „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“.

На официјалната веб-страница на форумот се вели дека ПФД е платформа создадена од Владата на Република Северна Македонија за да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.