Admir Fazlagic
27 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржува 22. Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на кој се бира претседател на партијата, заменик претседател, членови на централниот и на надзорниот одбор. Свое обраќање до присутните имаше лидерот на СДСМ и мандатарот за состав на новата Влада на Република Македонија, Зоран Заев кој рече дека на Македонија и е потребно солидарно општество, одговорност, подобар живот и крај на поделбите, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред делегатите и присутните гости на конгресот на СДСМ, Заев истакна дега сега се отвора можност за обнова на општеството и дека ќе се бори против различните поделби во општеството.
„Имаме можност да изградиме едно и единствено, заедничко општество за сите нас. Партијата доби поддршка од граѓаните. Граѓаните одлучија на избори да градат партнерство со една партија, базирано на принципи, одговорност, демократија. Така победивме и за тоа сме им должни на граѓаните. Посветено ќе работиме и ќе се потрудам да ја оправдаме вашата доверба и овозможиме еднакви шанси за сите во владата и во општеството", изјави Заев на отворањето на конгресот.
Истакна дека Република Македонија и нејзините граѓани имаат големи предизвици и дека само неполитизирано општество може да обезбеди значителен економски развој.
„Ќе работиме на создавање, а не на рушење. Тоа се нашите стратешки определби: демократија, отвореност, слобода, просперитет, еднакви можности. Наши партнери се Европската унија и НАТО и наша цел е да ги обезбедиме евро-атлантските перспективи", порача Заев.
По говорот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во отворениот дел од конгресот се обратија претставници на сестринските европски партии, а во затворениот дел ќе следи избор на претседател, заменик претседател, членови на централниот и на надзорниот одбор.
На Конгресот присуствуваат поранешниот претседател Бранко Црвенковски, гости од Европскиот парламент и гости од сестрински партии од соседните држави, како и претставници од други политички партии во земјава.