Admir Fazlagic
26 Јануари 2018•Ажурирај: 27 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска во Давос, Швајцарија, имаше средба со комесарот за односи со соседите и за проширување на ЕК, Јоханес Хан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Владата на Република Македонија, премиерот Заев го информирал еврокомесарот Хан за средбата со премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас, и го запознал со остварените резултати од таа средба кои во голема мерка го придвижуваат процесот на преговорите на двете земји во однос на проблемот кој Грција го има со уставното име на Република Македонија, како и во однос на потенцијалите за ново, квалитетно, поместување на билатералните односи.
„Овој значаен настан, средбата со премиерот Ципрас, е од големо значење и за поместување на евроинтеграциските процеси на Република Македонија, и ги прави многу пореални очекувањата дека 2018 година може да биде историска година за Македонија, за регионот и за ЕУ", се вели во соопштението на Владата.
Меѓу другото, од таму информираат дека комесарот за односи со соседите и за проширување на ЕК, Јоханес Хан, му го пренел на премиерот Заев и непосредно неговиот став за средбата со Ципрас искажан веднаш после настанот на социјалните мрежи и подвлече дека средбата е многу добра вест, која покажува храброст, визија и државништво, и дека решавање на долгогодишниот спор ќе биде добро за двете земји, регионот и Европа.
„Премиерот Заев на средбата нагласи дека средбата е значајна и за охрабрување на имплементацијата на отпочнатите одржливи реформи во Република Македонија, и дека ја потврдува политичката волја на Владата да ги затвора долготрајните отворени прашања со соседните земји, да ја поттикнува регионалната динамика и да биде веродостоен партнер на своите меѓународни пријатели паралелно со секојдневните остварувања и на домашната општествена сцена", се наведува во соопштението.
Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, како и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров учествуваат на 48. Светски економски форум (WEF), на кој главна тема е „Креирање на заедничка иднина во светот кој се дели“.