Besar Ademi
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Р. Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, по брифингот за медиумите кој се одржа во просториите на Секретаријатот за европски прашања, истакна дека ако Македонија во јуни ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), земјата многу брзо ќе биде подготвена да им се приклучи на другите држави од Западен Балкан во насока на подготвеноста за членство, јавува Anadolu Agency (AA).
Брифингот за медиумите, на којшто беа дискутирани теми околу процесот за евроинтеграција на земјата, состојбата со спроведувањето на реформите од владиниот план 3-6-9 и досегашните информации околу балканската мини турнеја, се одржа десет дена пред објавувањето на Стратегијата на Европската комисија за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
Османи нагласи дека во последните месеци ги посети Атина, Тирана, Белград, Приштина и Софија, со цел, како што рече, да бидат што покоординирани во пренесување на пораката на Македонија дека 'Европа ќе биде постабилна со Западен Балкан вклучен во неа'.
Османи рече дека во Албанија и Белград се согласиле да го искористат овој историски момент и да вложат напори за Балканот да направи конкретни чекори во рамките на временската динамика, вклучувајќи ја и 2025-та, година која според него е целна година кога земјата треба да биде членка на ЕУ.
„Нормално, во моментот Србија и Црна Гора имаат предност како земји кои веќе започнале со преговори, но ние мислиме дека ако во јуни започнеме со преговорите за членство, Македонија многу брзо ќе биде подготвена да им се приклучи на другите земји во насока на подготвеноста што ја имаме за членство“, додаде Османи.
Според Османи, во географски, политички и економски контекст, Западен Балкан е дел од Европа, и како тоа треба да биде и дел од европското семејство.
„За првпат чекаме да има една определена временска динамика, едно временско ограничување за тоа кога земјите од Западен Балкан ќе бидат дел од европското семејство. Најавено е дека 2020 или 2025 година ќе биде година кога пред сè Србија и Црна Гора треба да бидат земји-членки на ЕУ, додека во оваа стратегија треба да се дадат на некој начин сигналите и за започнување на преговорите за членство на Албанија и Македонија во ЕУ“, пренесе Османи.
Османи истакна дека Македонија има позитивен развој со Атина, што се однесува до спорот со името меѓу двете земји.