Abdula Berisha
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја посети Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), каде што одржа работен состанок со претседателката Билјана Ивановска и со членовите на Комисијата, со цел одблизу да ја надгледува работата на оваа комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
Османи рече дека донесувањето на новиот закон за ДКСК е најпозитивниот момент во владиниот план за реформи. Тој истакна дека Законот ги има поминато сите професионални филтри и потребни одобренија од меѓународните тела и дека овој закон дава нови ингеренции и ја зацврстува улогата и работата на Комисијата.
Османи го пофали и начинот на кој се избрани членовите на Комисијата, преку директен пренос во медиумите на интервјуата на кандидатите, истакнувајќи дека ова ѝ дава нов кредибилитет на Комисијата.
„Фактот што сега е создадена оваа нова кредибилност, растат очекувањата на граѓаните, очекувањата на меѓународната заедница и ЕУ кон Антикорупциската комисија и очекувањата да ги даде потребните резултати. Овој успех од Планот 18 и успехот за кој верувам дека ќе се финализира така како што треба, а тоа е поради фактот што денеска во Владата ќе се обидеме да го поминеме и Законот за Јавното обвинителство, создаваат два главни столба во борбата против корупцијата, што ѝ дава на Македонија предност во која било споредба со другите земји од регионот“, рече Османи.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, објасни дека на Комисијата ѝ е обезбеден доволен буџет за исполнување на нејзините потреби, со што покрај донесувањето на Законот, се направени првите важни чекори за нејзина транспарентна работа.
„Со вицепремиерот разговаравме за повеќе практични прашања кои ќе помогнат да се надминат некои слабости со кои што сега се соочуваме од аспект на целосна функционалност на Комисијата“, изјави Ивановска.
Таа рече дека е убедена дека со новите услови, Комисијата ќе биде во можност да ги испорача очекуваните резултати.
Вицепремиерот Османи потсети дека на 19 март ќе се одржи вонредниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, оценувајќи го овој состанок како уникатна и неповторлива шанса за Северна Македонија за потврдување на датумот за почеток на преговорите.