Husamedin Gina
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Доделувањето на државно земјиште под закуп за првпат во државата е показател на нашата заложба да креираме политики кои ќе придонесат за модерно и европско земјоделство, рече премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање по потпишувањето на договорите со земјоделските компании, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денес имаа свое обраќање на потпишувањето договори за доделување државно земјоделско земјиште над 3 хектари под закуп.
„Денешното потпишување на првите договори за доделување државно земјиште над 3 хектари под закуп е уште еден показател на нашата цврста заложба да креираме политики кои ќе придонесат за модерно и европско земјоделство. За првпат државата доделува државно земјоделско земјиште под закуп, за што земјоделците и агробизнисмените имаат можност, освен за примарно производство, да подготват и бизнис-план за преработувачки капацитети“, истакна премиерот, додавајќи дека вкупната инвестиција на сите 20 прифатени договори изнесува 11 милиони евра.
Тој, исто така истакна дека е најважно тоа што преку овие инвестиции во земјоделската преработувачка индустрија ќе се создадат услови за обезбедување сигурен пласман на земјоделските производи и за отворање нови работни места.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во своето обраќање нагласи дека една од клучните и првенствени политики на Министерството е земјишната политика која е основа на сите останати политики.
„Со еден збор, ја праќаме пораката дека 2019 година, покрај тоа што ќе биде година на економијата, јас сум сигурен дека ќе биде и година на земјоделството, особено во поглед на развојот на преработувачката индустрија, поврзувањето на синџирот помеѓу производителите и преработувачите, финализација на производите и решавање на сите овие напластени проблеми, но и на зацврстувањето на силниот економски раст“, рече Николовски.
Со овие договори се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарии, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.