Husamedin Gina
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Дијаспората е дел од оваа држава и затоа ние така ќе ја третираме“, нагласи министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Адеми на прес-конференцијата во Владата, ја презентираше „Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година“. Според Адеми, Националната стратегија за дијаспората претставува основ на институционално поврзување на државата и дијаспората наспроти партизацијата од која придобивки ќе имаат и државата и дијаспората.
Тој, исто така, истакна дека стратегијата се базира на четири клучни столба.
„Првиот столб е политички правни и конзуларни прашања. Вториот столб дијаспората и економскиот развој. Третиот столб образование, наука и млади и четвртиот столб културни врски, културен идентитет и културно наследство“, нагласи Адеми, додавајќи дека според потребите за стратегијата во 2021 година е предвидена ревизија.
Адеми посочи дека како прашања од посебен интерес во стратегијата се издвоени унапредувањето на изборниот процес на дијаспората и создавањето институционални претпоставки за поголема информираност и вклученост на дијаспората во промоција на интересите на Северна Македонија.
„Верувам и сигурен сум дека придобивките ќе бидат обострани. Дијаспората е дел од оваа држава и затоа ние така ќе ја третираме. Промовираме еден нов концепт на соработка кој е дијаметрално спротивен од она што беше пракса досега. Веруваме во институционална соработка, а не во соработка по партиска основа“, рече Адеми, додавајќи дека само така може заеднички да се чекори напред и да се изгради европска држава.
На редовната прес-конференција на портпаролите на Владата, Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа, беше информирано и за одлуките на Владата донесени на вчерашната седница.
Портпаролите истакнаа дека на предлог на работната група за извршување на обврските од Преспанскиот договор, Владата на вчерашната седница донела одлука да ги задолжи и препорача до сите институции да извршат промена на јавните табли на влезот на сите институции во однос на името на државата, која според Уставот се вика Република Северна Македонија.
„Централниот регистар ќе ги направи овие измени, ќе ги впише новите имиња, а Службата за општи и заеднички работи ќе им достави нови табли на сите овие институции“, истакна портпаролот Миле Бошњаковски, додавајќи дека сè уште немаат пресметка за тоа колку ќе чинат менувањата на таблите во сите институции.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија, на 12 февруари 2019 година, информираше дека влегува во сила Преспанскиот договор, со кој се решава спорот за името помеѓу оваа земја и Грција, со што Република Македонија го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија.
Владите на двете земји го потпишаа Преспанскиот договор во јуни минатата година во грчкиот дел на Преспа.