Esra Tekin
10 Април 2025•Ажурирај: 11 Април 2025
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Анкара ќе продолжи да работи со Индонезија за обнова на Газа и одбрана на палестинската кауза, јавува Анадолу.
„Во наредниот период, ќе продолжиме да работиме со Индонезија за обнова на Газа и залагање за палестинската кауза“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот индонезиски колега Прабово Субијанто, кој престојува во посета на главниот град Анкара.
Израел се противи на дводржавното решение за неговиот конфликт со Палестина и уби над 50.000 Палестинци во Газа, а енклавата ја претвори во урнатини по упадот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Прабово претходно беше пречекан во претседателската палата. Тој имаше обраќање и пред турскиот Парламент.
Ердоган истакна дека Туркије ја продолжува соработката со Индонезија на сите меѓународни платформи, меѓу кои Обединетите нации (ОН), Организацијата за исламска соработка (ОИС), Г-20, Д-8 и МИКТА.
Обраќањето на Прабово во турскиот Парламент е „најубавата манифестација на долгогодишното братство меѓу нашите земји“, рече Ердоган, додавајќи дека двајцата лидери се согласиле да направат нови чекори во нивната соработка, почнувајќи од одбранбената индустрија до претприемништвото, и од здравството и енергетиката до прехранбениот сектор.
„Во контекст на одбранбената индустрија, разговаравме за нашите тековни проекти и разгледавме нови можности за соработка, вклучително и заедничко производство“, рече турскиот претседател.
За размената на туристи меѓу двете земји, Ердоган изрази задоволство од бројот на индонезиски посетители на Туркије, кој достигна 203.000 минатата 2024 година.
За билатералната трговија, турскиот претседател изјави: „Ги разгледавме потенцијалните чекори за проширување на обемот на трговска размена до целта од 10 милијарди долари на балансиран начин, врз основа на заемна корист“.
Коментирајќи го претстојниот тридневен форум за дипломатија во Анталија, што ќе започне утре, на кој ќе присуствува и Прабово, Ердоган рече: „Несомнено, овој силен интерес уште еднаш го истакнува растечкото влијание на нашата земја во глобалната дипломатија“.
„Искрено верувам дека посетата на претседателот Субијанто ќе придонесе и за нашата билатерална и за мултилатералната соработка“, додаде турскиот претседател.