економија, политика

Велика Британија со поддршка за развојот на енергетиката во Македонија

Обединетото Кралство преку фонд со вредност од околу 1 милион американски долари ќе ѝ помага на Македонија во формирање енергетска стратегија, која во наредните 30 години ќе го покаже развојот на енергетскиот сектор во земјата

Besar Ademi  | 18.09.2018 - Обновена : 19.09.2018
Велика Британија со поддршка за развојот на енергетиката во Македонија Besar Ademi/АА

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Обединетото Кралство преку фонд со вредност од околу 1 милион американски долари ќе ѝ помага на Македонија во формирање енергетска стратегија, која предвидува во наредните 30 години да го покаже развојот на енергетскиот сектор во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

Меморандумот за соработка е потпишан од страна на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан, во кањонот Матка во Скопје, а на потпишувањето присуствуваше и министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, со кој претходно имаа средба.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање по потпишувањето на меморандумот за соработка изрази уверување дека стратегијата што ќе се создаде сега ќе даде една рамка за развојот на енергетиката во Македонија.

Тој нагласи дека во стратегијата покрај енергетскиот аспект, ќе бидат предвидени и еколошките аспекти, односно како енергетиката ќе влијае на животната средина во Македонија.

„Стратегијата за енергетика произлегува како обврска во Законот за енергетика што Владата го донесе во мај оваа година и ќе предвидува период од 30 години, односно ќе каже како Македонија ќе се развива енергетски во следните 30 години“, рече Анѓушев.

Министерот Бектеши истакна дека се очекува наредната година да заврши стратегијата наменета за енергетскиот сектор на Македонија. „Со ова, како Влада, имаме вистинска насока како ќе се развива овој важен сектор во Македонија, имајќи ги предвид и начелата за заштита на животната средина, а во исто време да обезбедиме и посигурна иднина за енергетските капацитети во Македонија“, додаде тој.

Од друга страна, британскиот министер Данкан нагласи дека секоја земја има потреба од безбедна енергетика, како и енергетика која е чувствителна кон животната средина.

„Фондот изнесува околу еден милион долари. Ова е значителна сума пари и има за цел да помогне во експертизата за развивање на правилна стратегија за енергетскиот сектор на земјата, односно за да имате безбедни, разновидни и модерни извори на енергија“, нагласи Данкан.

- Данкан: „Договорот со Грција, прекрасен чекор за иднината на земјата“ -

Данкан се осврна и на референдумот кој на 30 септември ќе се одржи во Македонија, упатувајќи апел до граѓаните, особено до младите, да учествуваат масовно во гласањето.

Тој го поздрави Договорот постигнат меѓу владите на Македонија и Грција, сметајќи го за прекрасен чекор за иднината на земјата.

„Мислам дека ова ќе биде еден голем чекор напред за Македонија и се надевам дека секој, особено младите, ќе покажат интерес за оваа одлука. Ова е одлука за вас, а не за мене како министер на друга земја да ви кажам што да правите, туку сето тоа што можам да кажам е „ве замолувам да учествувате“, и се надевам дека сите млади можат да ја видат својата иднина и да разберат дека ова е еден чекор напред што ќе ја однесе Македонија во еден поширок свет, обединувајќи ја со другите земји во организациите како НАТО и ЕУ“, додаде Данкан.

Инаку, Данкан престојува во официјална посета на Македонија, и треба да се сретне и со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, со кој ќе разговараат околу состојбата во внатрешната политика и реформските агенди на НАТО и ЕУ во Македонија, како и за активностите за подготовка во врска со успешното реализирање на референдумот на 30 септември.

Посетата на министерот Данкан претставува потврда за зголемениот интензитет во дијалогот меѓу двете земји за време на изминатите години, особено по историската посета на Македонија на британската премиерка, Тереза Меј, на 17 мај оваа година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.