Husamedin Gina
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) – Командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, изјави дека Северна Македонија имала фантастична прва година како членка на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА)
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денеска одржa средба со командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој престојува во земјата по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во Алијансата.
По средбата во Министерството за одбрана, Шекеринска и адмиралот Роберт Бурк одржаа заедничка прес-конференција.
Адмиралот Бурк оценувајќи ја средбата со министерката Шекеринска како продуктивна, рече дека разговарале за заедничките постигнувања и дека му претставува чест што утре ќе присуствува на церемонијата на првата годишнина од членството на земјата во НАТО.
„Навистина ми е чест и привилегија да бидам тука и да ги преставувам на утрешната церемонија другите 29 сојузници на НАТО и да бидам личноста што ќе Ви честита на одбележувањето на првата годишнина како НАТО-членка. Ова беше навистина фантастична прва година“, истакна адмирал Роберт Бурк, додавајќи дека Северна Македонија имала одличен почеток и дека веќе обезбедува многу значителен придонес за Алијансата.
Истакнувајќи дека затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје е горчливо-сладок момент, адмиралот Бурк рече дека ќе му недостасува соработката со колегите од Канцеларијата.
Тој исто така додаде дека затворањето на Канцеларијата го одбележува успешното завршување на мисијата на Канцеларијата, бидејќи Северна Македонија веќе е полноправна членка на НАТО.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека на средбата со адмиралот се обврзала дека Северна Македонија ќе даде сериозен рамноправен придонес во максимата на Алијансата „Заедно сме посилни“.
„Северна Македонија како активна членка на Алијансата додаде нова вредност на значењето на НАТО за безбедноста во нашиот регион со учество директно на силите на КФОР на Косово, кои се токму под капата на сојузничката команда во Неапол“, нагласи Шекеринска.
Меѓу другото, таа додаде дека експертизата и посветеноста на сите членови на тимот на Канцеларијата за врски на НАТО во изминатите две децении дале огромна полза за одбраната, Армијата и за државата.
Адмиралот Роберт Бурк престојува во официјална посета на Северна Македонија по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во Алијансата и по повод затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.