СКОПЈЕ (АА) - Членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме, порачаа претставниците на државниот врв на Република Северна Македонија по повод првата годишнина од членството во НАТО на оваа држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа централна свеченост за одбележување на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО-алијансата, на која се обратија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк.
„Пред точно една година станавме полноправна членства на Северноатлантската алијанса, патот беше долг и тежок, чекавме 20 години, најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата. Но и покрај сите одлагања не се откажавме затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес. Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и ја материјализиравме поддршката што во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани“, истакна во своето обраќање на свеченоста претседателот Пендаровски.
„Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици, бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот, меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и одбрана ќе биде мултиплицирана“, додаде Пендаровски, истакнувајќи дека „многу од проблемите со кои се соочувавме пред пандемијата и пред членството не исчезнаа, но станаа полесни за носење“.
Пендаровски рече дека Армијата на РСМ продолжува со учество во мировните мисии.
„Во моментот, припадници на Армијата се дел од мисијата Решителна поддршка во Авганистан, во ноември 2020 за прв пат станавме дел од мисијата КФОР на Косово, со што почнавме да придонесуваме директно и за стабилноста во регионот“, додаде тој.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека денешниот ден ќе го паметат сите идни генерации.
Заев истакна дека со членството во НАТО пред една година остварена е една најважните стратешки цели на државата, зацртана во темелите на независностa и усвоена со едногласна одлука од Собранието уште во 1993 година. Заев потенцираше дека членството во НАТО е израз на натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука, за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.
„Кога е безбедноста и сигурноста во прашање не сме повеќе тема на дневен ред сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред, дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО. Тоа е огромна придобивка од нашиот успех и тој успех со членството во НАТО е најјасно изразен во фактот што како членка на Алијансата, Северна Македонија денес, заедно со сите други сојузници, учествува во стратешкото исцртување на визијата за НАТО во наредните 10 години“, додаде Заев.
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, во своето обраќање рече дека во годината кога Северна Македонија одбележува 30 години независност, ја слави и првата годишнина од своето членство во НАТО, како и дека тоа не е случајно.
„Оваа генерација македонски граѓани знаеше дека единствениот вистински начин да се оддолжиш на своите предци за нивните историски и исправни одлуки е да ја покажеш истата храброст и мудрост тогаш кога ги биеш новите битки. Членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме. Со жртви, со ризици и со многу работа, но ја добивме. Членството на РСМ во најмоќниот воено-политички сојуз е најголемо достигнување во нашата историја како независна држава“, рече Шекеринска и истакна:
„Достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет, која значи посакуваност на инвестициската маса, авторитет и меѓународен углед. Бевме сами, а сега сме дел од една милијарда луѓе под колективниот безбедносен чадор на Алијансата. И тоа навистина е голем успех.“
Шекеринска додаде дека Владата ќе продолжи да инвестира и да ја модернизира Армијата.
На свеченоста се обрати и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк, кој ја честиташе првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.
По повод првата годишнина од членството на РСМ во НАТО, честитка упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Дел од свеченоста беа неколку показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на воздухоплови на НАТО во рамки на мисијата „Ер полисинг“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на Армиската гарда, постројување и марш на ешалони од единиците што учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон, НАТО декларирана единица.
Потсетуваме, на 27 март минатата година Северна Македонија стана 30. членка на НАТО по завршувањето на сите официјални процеси.
news_share_descriptionsubscription_contact
