Hakan Ceyhan Aydoğan
03 Септември 2016•Ажурирај: 04 Септември 2016
МОСКВА (АА) - Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, го повика рускиот претседател Владимир Путин да стави точка на актуелните проблеми во односите меѓу Јапонија и Русија и да се отвори нова страница, јавува Anadolu Agency (AA).
Абе зборуваше на економскиот форум во рускиот град Владивосток. Тој потсети на проблемот со Курилските Острови, како и за непотпишувањето на мировниот договор по Втората светска војна.
Јапонскиот премиер истакна дека тој и рускиот претседател имаат различни ставови кога станува збор за мировниот договор.
„Меѓутоа, ако продолжиме вака, ни во наредните децении нема да имаме некакво решение. Владимир, ние сме луѓе од иста генерација. Дојди, покажувајќи храброст, да ги решиме тешкотиите, да покажеме одговорност и да ставиме точка на оваа ненормална состојба што трае 70 години. Заедно да отвориме ново поглавје во односите меѓу Русија и Јапонија“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Курилските Острови во Русија од крајот на Втората светска војна се под руска контрола. Русија и Јапонија никогаш не успеаја да постигнат договор за овие територии.